Легендарниот фудбалер на турскиот Фенербахче, Бразилецот Алекс де Соуза, го раскина договорот по девет сезони во клубот.
„Го раскинав договорот. Ова е најтажниот потпис во мојот живот. Фенербахче изгуби играч, но доби навивач. Му благодарам за се“, соопшти Алекс.
Бразилецот е оддалечен од првиот тим по поразот од Касимпаша (2:0) минатиот викенд, кога по замената остатокот од мечот го следеше од трибините, одбивајќи да седи на клупата за резервни играчи.
Во едно претходно соопштение на „жолто-сините“ се наведува дека на состанокот на Управата и тренерот Ајкут Кочаман донесена е одлука капитенот на овој тим да се оддалечи од екипата. Тренерот пред тренингот одржан вчера наутро се сретна со Алекс и му ја соопшти одлуката.
Алекс кариерата ја почна во Коритиба, потоа играше за Палмеирас, Фламенго, Крузеиро и Парма. Во Фенербахче дојде во 2004 година и на 242 натпревари постигна 137 голови и имаше 109 асистенции.