Обдукција и ДНК анализа на настраданите во плинарата во Богданци

Од:

По наредба на Основното јавно обвинителство – Гевгелија направена е обдукција на телата на трите починати лица во вчерашниот пожар во фабриката ДПУТ „Балкан Гасови“ ДОО Богданци.

Како што е наведено во денешното соопштение од Јавното обвинителство, на телата на починатите ќе се врши и ДНК анализа за да се утврди идентитетот на починатите.

Обдукцијата на починатите е извршена уште вчера попладне во ЈЗУ Општа болница Гевгелија, но телата не се предадени на семејствата, бидејќи се чека исходот од ДНК анализата која треба да заврши за 3 до 7 дена.

Во вчерашниот пожар во фабриката ДПУТ „Балкан Гасови“ ДОО Богданци, три лица го загубија животот, додека две се повредени. Причинета е и материјална штета, а во околината на фабриката биле опожарени повеќе возила.

Во текот на увидот на надлежен обвинител е констатирано дека фабриката каде што избувнал пожарот се состоела од повеќе простории. Просторијата каде што се пронајдени починатите лица е просторијата каде што се вршело полнење на мали плински боци. Во просторијата каде што се вршела изработка на плинските боци пред полнење, пак, работеле преживеаните лица.

Во разговор со надлежниот обвинител, управителите на фирмата известиле дека во овие простории имало складирано над 1.000 пакети со мали плински боци кои биле спремни за извоз наредниот ден. Освен ова, во дворното место се наоѓале и две цистерни кои во моментот биле полни со пропан бутан гас и една празна цистерна.

Увидот на надлежниот обвинител вчера во фабриката за плински боци траеше 12 часа. По негово барање, на лице место беше повикана и увидна екипа од МВР Скопје, составена од вешти лица од областа на хемијата и физиката, заради прибирање докази од местото со цел утврдување на причините за настанување на пожарот во оваа фабрика. Покрај тоа, кон увидот се приклучија и екипи од СВР Струмица и ПС Гевгелија.

Во соопштението од Јавното обвинителство се наведува дека извршен е разговор и со единствениот очевидец на настанот, кој единствено можел да потврди дека пожарот започнал од просторијата за полнење на плинските боци.

Надлежниот јавен обвинител издаде Наредби за правење скица од местото на настанот, фотографирање, видео снимка, како и за подигање на остатоците од куќиштето од компјутерската опрема која била поврзана со видео надзорот од целата фабрика.

Секторот за комјутерски криминал и дигитална форензика на МВР ќе треба да изврши вештачење на податоците од хард дискот за да се утврдат причините за настанување на пожарот од видео снимките.

Ќе се проверува и целокупната документација за заштита и безбедност при работа, исправноста на функционирањето на машините, како и почитувањето на сите прописи за работа на овој вид дејност.

По добивање на сите потребни анализи, вештачења, записници од надлежните органи, надлежното обвинителство ќе одлучи за понатамошниот тек на постапката.​

Би можело да ве интересира

Земјотрес почувствуван во Богданци и околината

Горан Наумовски

Маж од Богданци осомничен дека силувал малолетничка

Горан Наумовски

Детали за несреќата во која загина едно лице: Еден од учесниците во сообраќајката криумчарел мигранти

А1он

Едно лице загина во сообраќајката на патот Гевгелија-Богданци: Се судриле четири автомобили

А1он

Сообраќајка на патот Богданци-Гевгелија: Сообраќајот во прекин, интервенираат пожарникари и полиција

А1он

Во напуштена куќа пронајден починат 49-годишен скопјанец