Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека за него односите со Русија и Германија имаат поголем приоритет од односите со САД, објави денеска бриселскиот портал „ЕуроАктив“.
– Ако сакаме траен мир и безбедност за Унгарија, тогаш тоа мора да го решаваме со две сили што се силно и долгорочно присутни во Средна Европа, изјави Орбан.
Според Орбан САД се важен партнер, но нивната позиција често зависи од внатрешната политичка ситуација, како и дека не е сигурен колку тежина Вашингтон дава на регионот.
Изјавата на Орбан доаѓа во време на заладени унгарско-американски односи, откако премиерот се најде на критики од највисоките претставници на американската администрација, кои го обвинија за задушување на демократијата и поттикнување корупција.
САД минатата година ставија неколку функционери од партијата на Орбан Фидес на црната листа на лица, на кои е забрането издавање визи поради сомнеж за учество во корупциски афери.
Орбан се почесто се наоѓа на критика и во ЕУ, поради добрите односи со Русија и ставот дека рестриктивен, „илиберален“ модел на демократија, како што владее во Русија и Кина би бил подобар за Унгарија од системот што владее во повеќето европски држави.