Косовскиот министер за надворешни работи и вицепремиер Хашим Тачи изјави дека ја поддржува одлуката за смена на министерот за заедници и враќање во Косово, Александар Јаблановиќ, оценувајќи дека таа не е насочена против припадниците на српското малцинство.
Тачи, кој се наоѓа во Вашингтон по повод молитвениот појадок, истакна дека смената на Јаблановиќ треба да се сфати како конкретен и одвоен случај.
На новинарско прашање дали со исполнувањето на барањата на опозициските демонстранти во Приштина е испратена негативна порака до претставниците на српската заедница кои се подготвени да учествуваат во косовските институции, Тачи одговорил дека ваквата одлука не е насочена против српското малцинство.
Тој порача дека сите политичари на Косово имаат обврска да испраќаат позитивни пораки на добра волја и соработка, а не да провоцираат негативни реакции.