Македонскиот институт за медиуми смета дека повикот на Јавното обвинителство да не се објавуваат материјали кои што можат да станат предмет на кривична постапка во т.н. случај „Бомба“ претставува обид за воведување експлицитна цензура во медиумите и во јавноста и придонесува за дополнително нарушување на слободата на медиумите и изразувањето.
Го потсетуваме Јавното обвинителство, но и останатите државни и јавни институции и другите јавни чинители, дека слободата на изразување и информирање спаѓа во основните слободи и права на човекот и граѓанинот, признати во меѓународното право и утврдени со нашиот Устав. Тие се гарантирани и наведени како први меѓу темелните вредности на кои почива нашиот правен поредок (член 8 од Уставот на РМ).
Нашиот Устав, исто така, во член 16, експлицитно ја забранува цензурата. Освен тоа, овие слободи и права се гарантирани и со Европската конвенција за човекови права, која во правниот поредок на Македонија има третман на задолжителна легислатива и правен акт од највисок ранг.
Согласно Кодексот на новинарите на Македонија, новинарот е должен да ја објави секоја информација која е од општествен интерес. Секоја забрана и повик за необјавување на информации од јавен интерес, или за необјавување на материјали за евентуални злоупотреби на власта и институциите, претставува брутално кршење на слободата на изразување, но и кршење на правниот поредок на земјата.
Ги повикуваме сите институции, медиумите но и сите други јавни чинители да се однесуваат поодговорно и посериозно во оваа деликатна ситуација, да ги почитуваат темелните вредности на нашиот правен поредок, и да дејствуваат соодветно на нив и на основните принципи на демократијата, имајќи го предвид правото на граѓаните да бидат информирани за сите прашања од општествен интерес.