Организацијата Амнести интернешнл (АИ) ги повика денеска по пресудата на Меѓународниот суд на правдата дека ниту Србија, ниту Хрватска не сториле геноцид, двете земји да ги истражат сите случаи на осомничени за воени злосторства и да обезбедат правда за жртвите.
– Фактот дека Судот за ниту една страна не успеа да утврди намера за извршување геноцид, не го менува фактот, како што и Судот сам призна, дека поединци од двете страни извршиле злосторства против човештвото и воени злосторства, изјави Џон Далхуисен, директот на АИ за Европа и централна Азија.
– Србија и Хрватска сега мораат да ги концентираат напорите на тоа да ја утврдат одговорноста за злосторствата против човештвото и воените злосторства, како и да обезбедат обесштетување за жртвите, на нацинално ниво, се наведува во соопштението на АИ.
– Во двете земји утврдувањето на одговорноста за тие злосторства било споро и пристрасно. Со оглед на тоа дека конечните пресуди во Хаг се ближат до крајот и Хрватска и Србија мораат да ги зајакнат напорите да обезбедат правда, вистина и обештетување на сите жртви, пишува во соопштението.