Средношколскиот Пленум им изразува целосна поддршка на утрешните протести на професорите и наставниците. Пленумот смета дека укинувањето на казните за професорите од екстерното тестирање доведува до губење на притисокот врз учениците.
Притисокот кој се врши врз професорите, е и притисок врз учениците.
Средношколскиот Пленум екстерното тестирање го смета за необјективен начин да се изрази реалното знаење на учениците. Реалното знаење не се покажува преку притисоци и закани.
Должни сме да ги поддржиме професорите кои утре штрајкуваат, да ги поддржиме оние кои нѐ учат на вистинските вредности, на непокорливност, достоинство, храбост и солидарност. Да ги поддржиме и охрабриме во барањата затоа што залагањето за подобро образование е заедничко. Да истраеме во идејата за квалитетно образование, во идејата за подобри услови.
Затоа, ги повикуваме сите средношколци, основци, сите граѓани на Република Македонија, утре, на 4 февруари, да ги поддржиме протестите на професорите кои штрајкуваат. Да покажеме дека образованието, професорите и учениците, не се простор за експерименти. Да докажеме дека професорите и учениците се на една страна. Да покажеме дека сме на страната на образованието, најсилното оружје кое може да го промени светот.
Борбата не е само нивна. Идејата за квалитетно образование е заедничка. Тишината не е решение.
Средношколскиот пленум изразува недвосмислена и јавна поддршка на најавените протести организирани од СОНК планирани за оваа седмица, изразувајќи им на своите професори солидарност и поддршка.