Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) денеска ќе ги соопшти добитниците на петте годишни награди – „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга, „Стале Попов“ за прозна книга, „Димитар Митрев“ за книга критики и есеи, „Ванчо Николески“ за книга за деца и „Книжевен мост“ за најдобра книга објавена на јазиците на националностите во Република Македонија.
Одлуките за наградите ќе ги соопштат претседателите на жиријата, а ќе бидат присутни и добитниците на признанијата.
За доделување на годишните награди на ДПМ решаваа пет жири-комисии составени од истакнати автори, критичари и есеисти: Милан Ѓурчинов, Вера Чејковска, Трајче Кацаров, Гордана Михаилова -Бошнакоска, Блаже Минески, Иван Чаповски, Илија Велев, Мирјана Стојановска, Владимир Мартиновски, Александар Поповски, Виолета Танчева-Златева, Санде Стојчевски, Бранко Цветкоски, Ресул Шабани и Мишел Павловски.
Наградите на ДПМ се доделуваат за најуспешните остварувања од издавачката продукција во 2014 година. Признанијата на добитниците ќе им бидат врачени на 13 февруари, на свечени собир по повод 68 години од формирањето на Друштвото на писателите на Македонија.