Професорите од СУГС „Орце Николов“ од Скопје кои штрајкуваат, преку отворено писмо им се обратија на нивните колеги кои не штрајкуваат.
Писмото го пренесуваме во целост.
„Веќе со години просветните работници преку различни форми се обидуваа да го изразат своето незадоволство од неправедните закони во образованието, кои со молскавична брзина се менуваа и сé уште се менуваат, без никакви консултации со практичарите кои го реализираат образовниот процес. Тоа резултираше со генерален штрајк на СОНК во образованието, за жал, игнориран од МОН. Нивниот игнорантски однос можаме да го сфатиме, бидејќи за нив насекаде „тече мед и млеко“.
Не можеме да ја сфатиме инертноста на дел од просветните работници, нивното молчење кое значи согласување со казните од екстерното тестирање, со зголемениот обем на административни обврски, со секојдневните притисоци на просветните инспекции, со несфатливите парични казни (300, 600 евра…) и со многу други небулози со кои се соочуваат секојдневно.
Колеги, каде сте? Се повлековте во вашите оклопчиња, во меурчиња од сапуница кои секој момент можат да пукнат. Зарем мислите дека со вашето молчење се заштитивте од казните, од деградацијата? Зарем не се чувствувате уште помизерно знаејќи дека некој друг ги бие вашите битки? Зарем вие не треба да бидете пример за вашите ученици? Зарем не сте интелектуалци, личности кои мислат со своја глава, ги изложуваат јавно своите ставови и со тоа придонесуваат за општо и општествено добро? Каде ви се етичките вредности – вистинољубивост, праведност, солидарност? На што ги учите вашите ученици? Да молчат, иако има проблем, да бидат егоисти, кои сопствените интреси ги ставаат пред заедничките, да бидат полтрони. Со вашето однесување само го потврдивте општоприфатеното мислење дека да бидеш просветен работник е бедна професија, не само од материјален аспект, туку од духовен. Го потврдивте фактот дека сте исплашени, безначајни луѓе на кои можат што сакаат да им прават. Ако немате респект спрема себе, како можете да бидете респектирани од другите.
Можеме да наведеме уште безброј други аргументи зошто треба вистински да го поддржите штрајкот на вашите колеги. Се надевам дека вашата совест и свест ќе проработи, дека ќе заборавите на личните интереси и дека на вистински начин ќе го поддржите штрајкот. Да бидеш учител, наставник, професор е достоинствена професија, професија за почит. Ајде и на дело да покажеме дека е така!“, стои во писмото упатено до просветните работнии кои не штрајкуваат.