Канадската служба за електронско разузнавање секојдневно следи на интернет милиони луѓе во обид да открие терористички и екстремистички заговори, објави телевизијата Си-Би-Си, повикувајќи се на информација откриена од поранешниот соработник на американската Агенција за национална безбедност, Едвард Сноуден.
Преку таен проект, канадското разузнавање секојдневно може да добие пристап до 10-15 милиони интернет фајлови, вклучувајќи и од мобилни телефони. Потоа ваквите податоци се архивираат и анализираат, тврди телевизискиот канал.
Со проектот раководи најтајната канадска служба – Центарот за безбедност на комуникациите.