Вработените во ООУ „Крсте Мисирков“ – Куманово упатија јавно писмо до сите граѓани на Република Македонија, со цел разјаснување на причините за штрајкот во образованието.
Го пренесуваме писмото во целост:
Почитувани родители, медиуми, граѓани,
Сведоци сме на игнорирање од најголемиот дел од медиумите за штрајкот на просветните работници (од познати причини) и со ова отворено писмо сакаме на јавноста да ги објасниме вистинските причини за единствената законска можност да го свртиме вниманието на одговорните институции во земјата и да го вратиме барем малку изгубеното достоинство на сите нас на кои животната определба е воспитување и образување на идните наши поколенија.
Свесни за одговорноста која ја имаме во општеството и пред нашите деца, повеќе од две децении дозволувавме деградација на нашата професија и не очекувавме надокнада за вложениот труд, свесни за хуманата димензија на наставничкиот позив. Онака како што ги учевме децата, и ние верувавме дека надлежните ќе го почитуваат дадениот збор и преземени обврски за потпишување на колективниот договор и останатите отворени прашања кои го оптоваруваат животот и работата на наставникот во нашето општество.
Последните четири месеци беа период кога конечно се уверивме дека не сме вредни за разговор, отворени дебати и барање конструктивни начини да се надминат децениските проблеми во образованието. Напротив, власта многу јасно, со секоја одлука и постапка, демонстрира сила и закани, несвесна дека секој од нејзините членови е „производ“ на нашиот образовен систем.
По прашањето за штрајкот, важно е да потенцираме и објасниме што е тоа преку кое не можеме и не сакаме да мижиме, затоа дозволете да ги наброиме основните барања заради кои го активиравме најавениот штрак од месец септември 2014г. кој беше ставен во мирување.
1. Укинување на казните и наградите кои произлегуваат од резултатите од екстерното оценување на крајот на секоја учебна година.
За оние кои не знаат, екстерните проверки се дел од многу образовни системи и нив ги спроведува или државата (преку надлежните министерства) или се дел од меѓународни проекти (PISA,PIRLS,TIMSS) и тие се показател на знаењата на учениците од одредени научни дисциплини. И Македонија е дел од ваквите истражувања. Ваквите истражувања се добар начин да се бараат причините за одредени слабости во образовните системи и изнаоѓање подобри образовни модели за јакнење на ученичките компетенции и подготвување за живот во 21ви век. Секако, слабите резултати на нашите ученици на меѓународните тестирања се причина повеќе да се пријде сериозно, но многу студиозно кон прашањето за реформи во образовниот систем на Р.Македонија. Тоа подразбира широка дебата во која ќе се ангажираат сите расположливи сили и човечки ресурси (вклученост на наставници и практичари директно засегнати со проблемите во училиштето) и градење силен образовен систем кој ќе понуди квалитет на пазарот на трудот. Но за тоа е потребна длабока анализа и детектирање на состојбите во нашето образование, откривање на слабостите, градење стратегија за јакнење на системот на образование и насочување на колективната енергија кон исполнување на зацртаните цели и задачи.
МОН како реализатор на екстерното оценување на ниво на Р.Македонија, иницираше законски измени кои не се познати ниту во една демократска држава. Европските и светските образовни системи не познаваат мерка казни за наставникот, особено не казни какви што се предвидени и озаконети во нашиот парламент.
По прашањето награди и казни за наставниците кои произлегуваат од екстерните проверки на знаења на учениците, нашето логично прашање е:
Ако изминатите десетина години советниците од Биро за образованието нé советуваа дека оценката треба да е резултат на знаењата, способностите, вештини, залагање на ученикот, чувството на одговорност, ставови, учество во проектни активности и дека наставата и оценувањето (вреднувањето) треба да е индивидуална (за секој ученик одделно), па годишната оценка е резултат на сето тоа заедно, прашуваме: Како е можно со заокружување на 30 понудени прашања да се провери веродостојноста на сето претходно наброено? Сега сме исправени пред прашањето: Дали да ги учиме децата да учат на памет, свесно уништивајќи ја нивната моќ за здраво расудување, анализа и креирање на нови вредности? Со казните МОН само ги учи наставниците да калкулираат, манипулираат и изнаоѓаат начини да не бидат казнети.
Почитувани родители и медиуми, добро е да знаете дека со системот на казни на наставниците, Вашите деца нема да добијат квалитетни знаења, туку ќе учат како се вежба папагалска меморија и како се осиромашува човечкиот дух.
2. Укинување на двојна администрација.
Ова барање не требаше да биде дел од нашите барања зашто кога се воведе како пилот проект е-дневник, беше најавено од МОН дека паралелната документација ќе се води две години, а потоа пишаниот дневник ќе се исфрли како застарен начин на водење на училишна документација оти стремиме кон градење на е-општество.
Што значи за наставникот паралелната документација? 140 страни од дневникот се води уредно за време на работното време, а дома (најчесто во ноќни часови, заради оптоварување на системот) се води електронска документација. Така, наставниците четврта година водат двојна документација во дневниците наместо својата енергија да ја насочат кон креирање жива и интересна настава.
Почитувани родители, обесправениот наставник кој губи голем дел од својата енергија на административни задачи, не е мотивиран наставник. Тогаш како да ги мотивира и поттикне учениците да истражуваат, да размислуваат критички и да создаваат вредности?
3. Барање за покачување на платата.
Наставникот во Р.Македонија никогаш не бил соодветно вреднуван и платен. Платата на наставниците не е доволна да се задоволат ниту основните човечки потреби. Покачувањето на платата на наставниците беше најавено пред две години, а до сега имаме само усвоени законски измени кои го казнуваат и деградираат наставникот до степен кога повеќе не може да се молчи.
Почитувани родители и медиуми, свесни за економската состојба во општеството веќе дваесет години, наставникот работеше и оставаше простор да проработи свеста и совеста кај надлежните за значењето на образованието за едно општество каде се градат луѓе со знаења, вештини, способни да го градат општеството. Поради тоа што такво нешто не се случи, напротив, наставникот е на маргините на општеството, ние сме приморани да го искористиме единствениот законски механизам и да кажеме дека сме тука, дека сме многу и дека власта ќе мора да се соочи со нас и да најде аргументи (барем со примери во светот) за тоа што го прави. Ако одговорот е за подобро образование, и ние се согласуваме. Но нашето убедување е дека тоа се прави многу погрешно, брзо, стихијно, без поддршка од оние кои се стожери на образованието – наставниците.
Ако целта на воспитно – образовниот процес е градење и создавање критички умови кои ќе работат на личниот и професионалниот развој прифаќајќи го принципот на доживотно учење, Ве уверуваме дека нашиот штрајк е повеќе од оправдан и неопходен.
Длабоко сме уверени дека со ова наше отворено писмо ќе наидеме на разбирање и поддршка од сите граѓани и медиуми во Република Македонија.
Вработените при ООУ „Крсте Мисирков“ – Куманово
(членови на синдикална организација при училиштето)