Првите дипломати на САД и Европската унија вчера во Вашингтон се заложија за продолжување на режимот на санкции против Русија и повикаа Москва да го почитува примирјето од Минск во Источна Украина, јави ДПА.
Државниот секретар на САД Џон Кери и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини се обратија на заедничка прес конференција во Договорната сала на американскиот Стејт департмент.
Според Могерини посетата на Вашингтон, што е нејзина прва надвор од ЕУ на сегашната функција, зборува за значењето на тесните врски меѓу САД и Унијата.
Кери нагласи дека силите поддржани од Русија извршиле „грабање на земја“ во Источна Украина по потпишување на Минското примирјје во септември минатата година. Тој ја оцени ситуацијата како алармантна.
Американскиот државен секретар за време на едночасовната прес конференција нагласи дека САД и ЕУ ќе ја следат политиката на санкции во координација. Прашањето за санкциите против Русија повторно ќе се разгледа на самитот на унијата во март, пренесува ДПА.
Секое разгледување на санкциите целосно зависи од тоа дали Русија ги исполнува своите обврски. Санкциите се средство, нагласи Могерини, додавајќи дека станува збор за политичка волја.