Лидерот на Коалицијата на радикалната левица Алексис Ципрас синоќа рече дека Грција на 26 јануари ќе сврти нова страница, откако неговата партија ќе добијат силен мандат.
– Лагите се завршени. Во недела, Грција ќе земе длабок здив на оптимизам и доверба, и во понеделник, со силен мандат, ние ќе отвориме нова страница, рече Ципрас за време на предизборен митинг во Солун.
Лидерот на Сириза изјави дека на луѓето им „закажува средба“ во недела и додаде дека „дојде време со вистина и надеж да се победи стравот“.
– Време е Грција на просветлувањето да го победи Средниот век и мракот. И секој, внатре и надвор од земјата, мора да го сфати ова: Грција не е отпадник, нагласи Ципрас.
Тој додаде дека со својот глас Грците ќе стават крај на петгодишната политика која предизвика социјална катастрофа.
Во својот говор, лидерот на Сириза им се обрати и на гласачите на другите партии и побара од нив да гласаат за неговата партија.
На конзервативните гласачи им порача дека денешната Нова демократија нема никаква врска со централно-десничарска партија формирана од страна Константинос Караманлис, додавајќи дека партијата е „дива група на елитните пријатели на Самарас која ги застапува монополите и олигарсите“.