Две од четирите главни банки во Грција побарале од Европската централна банка (ЕЦБ) финансиска поддршка од програмата Итна помош за ликвидност (ЕЛА), предвидувајќи недостиг на парични средства за претстојните избори во земјата, соопшти Банката на Грција.
„Јуробанк“ и „Алфа банк“ потврдиле дека испратиле барање до ЕЦБ, кое ќе биде разгледано на седница на 22 јануари.
– Станува збор за барање, поднесено како мерка на претпазливост. Ние сега немаме потреба од програмата и не предвидуваме да ја искористиме, нагласи извор од „Јуробанк“.
Претставник на „Алфа банк“ истакна дека „исплатите во декември и јакнењето на швајцарскиот франк довеле до ваков чекор“, нагласувајќи дека се работи за превентивна мерка.
Извор од Банката на Грција не ја исклучи можноста и другите две главни банки – Националната банка и Банка Пиреос, исто така, да побараат поддршка од програмата ЕЛА.