„Оксфорд Јуниверсити Прес“ забранил употреба на зборот „свиња“ за да не се навредат муслиманите

Од:

Познатата британска издавачка куќа „Оксфорд Јуниверсити Прес“ забранила да се употребуваат зборовите „свиња“ „колбас“ како и сите зборови поврзани со свиња и свинските производи за да не се навредат муслиманите.

Случајот стана познат во британската јавност, кога за него стана збор во текот на една радио дебата за слободата на изразувањето, по терористичките напади во Париз, откако водителот на дебатата соопшти дека добил анонимно писмо од еден од соработниците на издавачката куќа.

Во него тој открива дека сите автори и оние кои работат за „Оксфорд Јуниверсити Прес„ добиле писмено предупредување за тоа кои зборови не смеат да ги употребуваат во книгите и сликовниците што ги пишуваат или илустрираат.

Водителот на програмата ја осудил таквата постапка на издавачката куќа, нарекувајќи ја нивната забрана „смешна и бескрајно бесмислена“ спротивставувајќи се да им биде забрането на авторите и илустраторите на сликовниците со животинска фарма да бидат нацртани и споменати и свињите.

Лабуристичкиот пратеник Халид Махмуд од муслиманската заедница во Велика Британија се согласува со радио водителот дека станува збор за „нонсенс“. Тој смета дека издавачката куќа погрешила со ваквото упатство што им било дадено на нејзините соработници.

Пратеникот на владејачката Конзервативна партија Филип Дејвис изјави дека „никаде во светот“ не се смета за навреда споменувањето на зборовите свиња и свинско месо. Овој пратеник оценува дека е „крајно навредливо“ писмото со забраната.

Убиството на 17 лица во Париз од исламски милитантни екстремисти, меѓу кои најголемиот дел се карикатуристи и новинари од сатиричниот весник „Шарли Ебдо“ затоа што правеа карикатури и од пророкот Мухамед, предизвика дебата во Велика Британија за тоа дали треба и понатаму да се блокира слободата на изразувањето во интерес на „политиката на коректност“ кон малцинските национални и верски групи во земјата.

Некои колумнисти првпат по подолго време оценуваат дека се претерало во тоа и дека таквата политика само ги охрабрува екстремистите, а Би-Би-Си одлучи да ја укине досегашната самонаметната забрана за прикажување на ликот на Мухамед.

До неодамна дел од британските медиуми ги бранеа муслиманските верски лидери кои бараа од директорите на училиштата во Британија на муслиманските деца да не им се раскажуваат детските приказни, како онаа за трите мали прасиња.

Во посебно соопштение,„Оксфорд Јуниверсити Прес“ ги бранеше своите позиции околу ова прашање, со рецензиите за високиот квалитет на изданијата на оваа издавачка куќа.

„Ние продаваме книги во 200 земји во светот, па затоа сакавме само да ги охрабриме нашите автори да имаат почит кон постоечките културни разлики„ се вели во соопштението, со кое се оправдува упатството што им било дадено на соработниците.

Би можело да ве интересира

Борис Џонсон во своите мемоари тврди дека кралицата Елизабета имала рак на коските

Три жени ранети во престрелка во Англија

Англија ја совлада Ирска

Мал авион се урна во индустриска зона во Честерфилд

Моторна едрилица се урна на сред пат: Пилотот и патникот преживеаја

(ВИДЕО) Ескалира насилството во Британија: Ќе залажите за ова екстремно десничарко насилство