Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски упати писмо со сочувство до амбасадорот на Република Франција, Н.Е. Лоренс Оер по повод терористичкиот напад врз редакцијата на весникот „Шарли Ебдо“ и убиството на невини луѓе. Еве што стои во пораката на Жерновски до амбасадорката Оер и до францускиот народ:
„Терористичкиот напад врз редакцијата на сатиричниот неделник Шарли Ебдо претставува криминален чин против вредностите на Република Франција, против пишувањето, против правото на слободно изразување, против омилените француски новинари.
Терористите убија пацифисти, почитувани луѓе, најдобрите француски карикатуристи.
Шарли Ебдо создава интелегентен хумор, го одбива трагичното, тој е симбол на слободното изразување.
Поради оваа поддршка на граѓанските демократски вредности кои ние ги делиме со редакцијата на Шарли Ебдо и францускиот народ, велиме: Сите сме Шарли Ебдо!
Убиството на невини граѓани, полицајци и држењето на заложници се акти кои не кореспондираат со времето во кое живееме и треба да бидат казнети.
Во тоа име, почитувана амбасадорке, примете ги нашите најискрени изрази на сочувство за семејствата на жртвите и францускиот народ“.