Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани денеска го осуди убиството на колегите од францускиот магазин „Шарли Хебдо“, оценувајќи го како кукавички злочин против слободата, мирот и братството меѓу луѓето.
– Тажен сум поради бруталното убиство на колегите од францускиот магазин „Шарли Хебдо“. Кукавички злочин против слободата, мирот и братството меѓу луѓето, вели Селмани, изразувајќи сочувство за семејствата на убиените колеги и силна солидарност со нашиот пријателски француски народ.
Селмани посочува дека да убиеш во името на Бога не е само кукавички обид да се оправда злосторството, туку е обид да се убие љубовта и толеранцијата во нашите срца и да не направат робови на омразата и расколот.
– Сечиј живот е свет затоа што е дарба од Бога и никој нема право да посегне по него. Севишниот Господ во Куран го проколнува и презира убиството, вели Селмани.
Додава дека во поглавјето Ел Ниса, стихот 93 Господ се вели: Секој што свесно убива верник, казната против него ќе биде Пеколот, каде вечно ќе престојува, Господ е гневен на него, и го проколнува, и има подготвено страшна казна.
– Иста осуда за убиството има и во поглавјето Ел Маиде, стихот 32 : Затоа, ние на децата на Израел им објавивме дека секој што убива човек којшто не извршил некое убиство или страшен злостор, да се смета како да ги убивал сите луѓе. И секој што ќе поштеди еден живот, да биде како да го поштедил животот на сите луѓе, нагласува Селмани.