За да ја видите Белата куќа не мора да одите преку oкеанот, доволно е да отпатувате во Скопје, главниот град на Македонија, пишува холандскиот весник „Де фолкскрант“ во своето издание од 2. јануари годинава, пренесе Мета.
Весникот констатира дека посетителите на Скопје не знаат дека изгледот на зградата е лажен и оти зад фасадата има модернистички објект кој потекнува од седумтесетите години од минатиот век и кој бил изграден со многу челик и стакло.
„Де фолкскрант“ потсетува дека новото руво на владата се поклопува со планот на конзервативната власт главниот град да го преуреди во класичен стил и весникот пишува дека во центарот веќе се појавиле згради кои наликуваат на грчките храмови, римските триумфални капии и оти на плоштадот никнала голема статуа на Александар Македонски.
„За разлика од Белата куќа во Вашингтон, македонската Бела куќа има фасада од гипс. Изгледа прашање на време е кога ќе почнат да се појавуваат пукнатини и повторно ќе се види грдата зграда одоздола. Со македонската демократија, всушност ништо не е поразлично. Гледано однадвор, на хартија има избори и државата ги овозможува сите слободи, меѓутоа ако фрлите еден поглед под фасадата ќе видите Влада која е обвинувана за злоупотреба на моќта при секој чекор и која не ги почитува демократските правила“, пишува весникот.
„Де фолкскрант“ е утрински весник кој се продава во 250.000 примероци во Холандија, а формиран е пред речиси еден век во 1919 година.