По серијата настапи на министерот за образование на РМ и премиерот Груевски, во кои се пласираат дезинформации за образовните системи во некои од странските земји, со цел да се убеди јавноста да го поддржи предлогот за државен испит, како и новиот закон за високо образование, чувстувам потреба и должност да го напишам ова обраќање, пишува во писмото на Д-р Панде Шахов, професор на Royal College of Music во Лондон објавено во Утрински весник.
Како поранешен студент на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје но, пред се’, како професор по академски предмети на Кралскиот колеџ за музика во Лондон, сакам да придонесам кон расчистување на медиумската магла во врска со предложените измени на Законот за високо образование. Имено, последниве неколку седмици, претставниците на власта и нејзините дежурни поддржувачи пласираа голем број невистини со цел да ја изманупулираат јавноста.
Прво, во едно од интервјуата на премиерот Груевски, беше наведено дека државни испити има во повеќе земји, вклучувајќи ја и Велика Британија. Ова е невистина. Државен испит во оваа земја нема ВО НИТУ ЕДНА ПРОГРАМА ИЛИ ОБЛАСТ. Државната администрација во сите западни земји е многу претпазлива кога се работи за вреднување на стручни параметри. Моите колеги во Британија не можат да замислат дека државни апаратчици можат да предложат, да координираат, да оценат и да унапредат студиска програма и да сакаат да организираат тестирање на универзитетско ниво. Државната администрација во сите демократски земји е составена од мал број политичари (кои се менуваат или остануваат по изборите) и голем број државни службеници (кои се политички неутрални и чија задача е исклучително административна). Државните службеници се столбот на администрацијата затоа што остануваат да работат во институцијата, без оглед на исходот на изборите. Ниту политичарите, ниту административците немаат илузија дека поседуваат стручност, неопходна за осмислување на каква било форма на вреднување на успехот на академски институции или поединци.
Второ, во демократските земји, работата на универзитетите (влучувајќи ги и оценките и дипломите кои овие ги издаваат) е контролирана преку различни форми на вреднување, кои можат да се групираат во две групи: внатрешно и надворешно. Внатрешното вреднување се заснова на дополнително оценување на актуелен студентски труд. На пример, писмениот испит се оценува од еден професор и потоа ’мостра‘ од таа група студенти (или сите испитни трудови) се оценуваат и од друг професор (или од група професори). Ако има индикации оти првиот оценувач бил премногу дарежлив или строг, оценките се менуваат и во писмениот извештај се препорачува поинаков пристап „следниот пат“. Во случај на неконзистентост (некои од оценките да се точни, а само некои да биле дарежливи или строги), целиот обем на трудовите оценети од првиот оценувач се оценети од друг (поискусен) оценувач, кој е на повисока инстанца во академската хиерархија. Но, сето ова се случува ПРЕД да биде објавена оценката. Кон крајот на учебната година, се организира надворешна контрола, во која учествуваат истакнати професори и стручни лица, од други универзитети. Во овој циклус се вреднуваат мостри од голем број (или сите) испити од таа учебна година и ова е можност да се провери и вториот оценувач, односно системот на внатрешна контрола, кој може да биде различен од една институција до друга. Но, и во случај да се открие аномалија или дефицит на транспарентност и квалитет, оценката на студентите не се менува, оти таа е веќе објавена по првата, внатрешна контрола. Во случај на сериозни пропусти, се предлагаат значителни промени кои влијаат на следната учебна година.
Значи, предлогот студентите во Македонија да се испитуваат втор пат е неразумен, непрактичен, непринципиелен, но, што е најважно, дискриминира против оние студенти кои, во првиот испит постигнале добар резултат, но во периодот помеѓу првиот и државниот испит, „заборавиле“ некои од деталите од материјалот. Со ова, нова категорија на компетентност е поставена како најважна: способноста да се запомни материјалот „за век и веков“. Ова беше ‘рбетот на „испрашувањето“ (во стил на КГБ) во социјалистичка Југославија, кога, на крајот од годината се проверуваше целиот материјал. Во многу случаи, завршниот испит имаше за цел да открие што „не знае“ студентот, наместо да се интересира што тој знае. Денес, општо признаен факт е дека знаењето не престанува со испитот, туку информацијата и размислувањата се преплетуваат и после испитите, па често се сплотуваат во синергија од нов вид. Затоа, ниту еден (положен) испит не треба да се полага по вторпат. Се разбира, еснафските испити како правосудниот, на пример, треба да постојат. Но тие, во демократските земји, се организираат од професионалните заедници, а не директно од државата.
Трето, ако навистина амбицијата на актуелната власт е да го подобри квалитетот на унивезитетските студии, по нивната кампања нови (и, во голем број, непотребни) универзитети и програми, тогаш тие треба да работат заедно со универзитетите, а не да комуницираат преку прес-конференции. Составување на листа од очекувања и параметри „од ракав“ не само што ја „обелоденува“ интелектуалната и културната беда на актуелните политичари туку, многу пострашно, ќе ја осиромаши домашната академската заедница. Соочени со нереални и понижувачки очекувања кога вложувањето во технологија и меѓународна соработка (на сите домашни универзитети) е рамно на нула, многу од научниците и уметниците ќе се обидат да најдат ангажмани во странство. Лесно е да се пропише дека предавачите треба да имаат објавено трудови во влијателните светски списанија, да знаат англиски јазик (без оглед на тоа дали во нивната струка тој јазик е најпотребен), да имаат докторат итн. Но, без заеднички ангажман на одговорните во Министерството и активните учесници во образовниот процес (наставниците и студентите), критериумите ќе бидат неадекватни и контрапродуктивни. На пример, за еден музиколог кој ја проучува византиската музика, покорисно ќе биде да научи руски или грчки отколку да има сертификат за ТОЕФЛ како доказ за одлично познавање на англиски јазик. Поставување услови кои се невообичаени и неадекватни мириса на обид за манипулирање на академската заедница. Имено, исто како пропагандната војна на Гебелс и Сталин кога, преку ноќ признати уметници, писатели и научници се прогласуваа за невредни, неподобни и штетни, предложената платформа за вреднување на квалитетот на наставниот и истражувачкиот кадар ќе го стави Министерството во неприкосновена позиција, како инквизитори од темните времиња на средниот век.
Ова е проверен рецепт на манипулирање со одредена категорија на сограѓани: 1. Изгласај законска регулатива која ќе создаде илузија дека параметрите се напредни, про-западни, реформаторски, но и транспарентни (затоа се тука листите и бројките); 2. Наброј ред од проблематични параметри, кои е речиси невозможно да се применат/достигнат; 3. Откако голем број од наставниот и истражувачкиот кадар (вклучувајќи ги и симпатизерите и критичарите на власта) нема да ги исполнат сите услови, власта ќе калкулира со изборот дали да реагира и санкционира или ќе ги остави на мир (се разбира, за тоа ќе се лицитира или, во најмала рака, ќе се чува како страшило во случај некој многу да се опушти и претера со критикувањето).
Немам дилеми дека предложените „мерки“ за подобрување на квалитетот на високото образование ќе се покажат како паушални, неефикасни и контрапродуктивни. Во обидот да го поттурнат образовниот систем по нагорна линија (со образложение дека некои од студентите не се стекнуваат со доволно знаење, значи не добиваат „вредност на парите што се вложуваат“ или на англиски „value for money“), Груевски и Адеми ќе затворат генерации наставници и студенти во административен лавиринт, кој можеби ќе биде квалитетен на хартија, но, во пракса, ќе биде исто толку (не)квалитетен, колку и политичкиот и административниот кадар на Министерството.
А научникот и уметникот, веќе хронично депримиран од политичкиот, естетскиот и интелектуалниот ќорсокак на „преродбеничка“ Македонија (земјата на чудата), тивко ќе капитулира, оти периодично ќе биде оценуван од политички платеници (ѓоа стручни лица), по теркот на озлогласената Штази во Германската Демократска Република.
Оти, да немаше власта скриена стратегија да ја турне академската заедница на колена, наместо да измислува „западни“ модели кои не постојат, ќе работеше рамо до рамо со академците на создавање постојани и ефикасни модели на (само)регулација. Ако квалитетот е навистина мотивот за предложените промени, власта треба веднаш да ја прекине собраниската процедура и да почне темелен (најмалку едногодишен) процес на консултација со сите заинтерсирани страни.
Не се сомневам дека секој колега од странски универзитет би се согласил со последниов параграф.