Нов демант на британската кралска палата за принцот Ендрју

Од:

Бакингамската Палата, службената резиденција на британската кралица Елизабета, по втор пат демантираше дека војводата од Јорк, принцот Ендрју, пред повеќе од 12 години имал сексуална врска со американската тинејџерка.

„Тврдењата против принцот се без секаква основа и ние категорично тоа го демантираме“, се вели во новото соопштение на Палатата.

Остро интонираниот демант, што е невообичаена постапка на кралската палата, доаѓа по големиот број написи во лондонските весници, во текот на изминатиот викенд, во кои се даваат разни детали за целата афера, а е објавена и фотографија на принцот со жената која го спомена Ендрју како еден од мажите со кои таа имала секс, во време додека се уште немала 18 години.

„Меил он Сандеј“ ја идентификува жената како Вирџинија Робертс и за неа вели дека уште во 2011 година го открила својот идентитет, во интервју за овој лондонски неделник-таблоид. Во интервјуто таа вели дека го познава принцот Ендрју, дека се сретнала со него и дека од тоа има и фотографија.

Во разговорот што е воден пред повеќе од три години, таа меѓутоа, не споменува дека имала и сексуална врска со британскиот принц, иако во интервјуто Робертс тврди дека била искористувана како „сексуална робика“ на американскиот финансисер Џефри Епштајн.

Тоа интервју на Американката, беше повод принцот Ендрју јавно да се извини,откако беше остро критикуван за неговата блискост со Епштајн,а подоцна поднесе и оставка на функцијата специјален пратеник на британската влада за економија и бизнис.

Таквата реакција на принцот во 2011 година, беше сосема разбирлива, затоа што во меѓувреме се разбра дека тој имал средба во Њујорк со Епштајн, откако американскиот финансисер беше пуштен на слобода,по издржувањето на затворската казна,на која беше осуден за сексуални врски со тинејџерки.

Повторното појавување на целиот случај, доаѓа откако беше откриено дека во судските документи на судот во Флорида, направени по сведочењето на Вирџинија Робертс, се појавува и името на Ендрју, но овој пат, како еден од нејзините клиенти.

Во овие документи таа тврди дека по притисок од Епштајн, на трипати имала секс со принцот,во периодот меѓу 1999 и 2002 година. Покрај принцот таа во судските документи споменува уште двајца други мажи, сите пријатели на контроверзниот американски финансиер.

Кралската палата инсистира дека ништо од тоа што го тврди жената не е точно. Бакингамската палата во првото соопштение објаснуваше дека Ендрју не е дел од судскиот случај во Флорида, затоа што во него, Робертс и две други жени ја тужат американската држава за која велат дека „не ги заштитила“ при правењето спогодба околу казнувањето и затворањето на Епштајн.

Засега нема никаква реакција од британскиот принц, за кој лондонските весници тврдат дека се вратил од зимскиот одмор во Швајцарија. Тој би требало првпат да се појави во јавноста на Светскиот економски форум во Давос, овој месец, но се смета дека демантите од палатата не се доволни и дека тој ќе мора да ја тужи Вирџинија Робертс доколку сака да го „испере“ својот углед од овие обвинувања.

Би можело да ве интересира

Борис Џонсон во своите мемоари тврди дека кралицата Елизабета имала рак на коските

Три жени ранети во престрелка во Англија

Англија ја совлада Ирска

Мал авион се урна во индустриска зона во Честерфилд

Моторна едрилица се урна на сред пат: Пилотот и патникот преживеаја

(ВИДЕО) Ескалира насилството во Британија: Ќе залажите за ова екстремно десничарко насилство