Сопственикот на бродската компанија „Hoegh Autoliners“ Ингар Скиакнер, чиј товарен брод „Hoegh Osaka“ доцне вечерта во саботата „заринка„ кај британскиот остров Вајт во Ламанш, изјави дека бродот е „намерно насукан“ во плитките води и песочното морско дно.
– Капетанот и неговиот навигатор се согласиле бродот да заринка во песочното дно за да се избегнат други посериозни проблеми, изјави Скиакнер.
Во изјава за британските медиуми, тој рече дека е рано да се каже што навистина се случувало и кои се причините за хаваријата,освен што откри дека набргу по испловувањето од Саутхемптон, бродот почнал да се навалува на едната страна.
Бродот сега лежи наведнат повеќе од 50 степени, а според проценките на експертите за вакви ситуации, ќе бидат потребни неколку денови за да може тој да се исправи и извлече од локацијата на која се наоѓа.
Инцидентот се случи во саботата во 20.20 часот по британско време, во тесниот канал меѓу јужниот брег на Англија и брегот на островот Вајт, само 50 минути откако 180 метри долгиот и 51 илјада тони тешкиот брод, го напушто британското пристаниште Саутхемптон.
Бродот со 25 членови на екипажот, превезуваше 1.400 автомобили до Германија.
Во оваа несреќа, полесно се повредени двајца морнари, а спасувачките екипи успеаја да ги извлечат од насуканиот брод сите членови на екипажот.
Засега нема еколошки последици по оваа поморска несреќа, затоа што досега не е регистритано истекување на нафта, или масло во морето.