Поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу го објави денеска создавањето на нова политичка партија, потврдувајќи го долгоочекуваното отцепување од левоориентираната партија ПАСОК, и усложнувајќи ги резултатите од парламентарните избори овој месец, пренесе БТА.
Папандреу, кој е наследник на една од најпознатите политички династии во Грција, беше премиер на Грција меѓу 2009 и 2011 година. Тој беше на чело на земјата при избувнувањето на финансиската криза и потпишување на првиот меморандум со меѓународните кредитори.
Новата партија наречена „Движење за промена“, претстои да ја дефинира политиката, но се очекува таа да биде слична на ПАСОК, која учествува во владејачката коалиција, водена од десноцентристичката партија Нова демократија на премиерот Андонис Самарас.
– Време е за следниот чекор на прогресивните сили во земјата, рече Папандреу во објавта на својот профил на Фејсбук.
– Време е да изградиме заедно нов политички дом на прогресивни вредности, кои не обединуваат, наведе Папандреу.
Тој истакна дека официјалното претставување на партијата ќе биде утре.
Отцепувањето на Папандреу од ПАСОК се очекуваше извесно време. Социјалистичката партија, која доминираше во грчката политика во продолжение на 40 години, сега има едвај пет проценти поддршка според последните истражувања.
Расцепувањето може да ја симне под трипроцентниот праг, неопходен за влез во Парламентот, но нема гаранции за нејзин влез во „Движење за промена“ на Папандреу.