Стотици милиони луѓе во светот вечер на плоштадите во своите градови, во туристичките центри, во кафеани, ресторани, пабови,… или во семејна атмосфера во домовите, ќе ја испратат 2014. и ќе ја пречекаат Новата 2015. година.
По примерот на светските метрополи, највеселата ноќ ќе биде пречекана и на плоштадот „Пела“ во Скопје, како и во другите градови во земјава.
Граѓаните ќе ги забавуваат македонските музички ѕвезди Дани, Маја Панчева, Ерик и Симона, Есма, Сузана Спасовска, Наум Петревски, Мустафа Имери, Даниел Кајмаковски и Куку леле, а Новата 2015 година ќе ја дочекаат со песните на Елена Ристевска.
Новогодишниот концерт ќе почне во 21 часот и треба да трае до раните утрински часови, а водители на манифестацијата ќе бидат Маријана Станојковска и Сашко Коцев. Точно на полноќ, небото над Скопје ќе биде осветлено со спектакуларен огномет.
Точно напладне пред Порта Македонија ќе пристигне Дедо Мраз за најмладите, по што ќе биде изведена детска претстава, а настап ќе има и хорот Златно Славејче.
Новогодишната елка годинава во бела боја е поставена на плоштадот „Пела“, а улиците се украсени со долги нишки со светилки и новогодишни украси – топки.
Организиран пречек ќе има на скверот „Јадран“. Новогодишната забава таму ќе почне со настапот на македонската група ДНК, потоа граѓаните ќе ги забавуваат С.А.Р.С., а новата 2015 година присутните ќе ја пречекаат со рок групата Ван Гог.
Градските власти и полицијата апелираат граѓаните да се воздржат од употреба на петарди на новогодишната ноќ. За време на пречекот, во центарот на Скопје ќе има зголемено присуство на полиција.
Новата 2015 година први ќе ја пречекаат жителите на тихоокеанските острови Кирибати и Тонга и земјите на далечниот Исток, а последни или неколку часови по нив жителите на западниот брег на САД и Аљаска.