Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, денеска оцени дека судењето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални и на неговиот брат Олег е политички мотивирано.
-Обвинувањата против браќата Навални во текот на судењето не беа поткрепени со докази, а освен на избрани новинари, на домашните и странските набљудувачи не им беше дозволено да го следат процесот, напиша Могерини во соопштението до медиумите.
Таа предупреди дека судските процеси треба да бидат ослободени од политичко влијание и да се водат согласно владеењето на правото.
Московски суд утринава ги прогласи браќата Навални за виновни за измама и проневера, по што Алексеј, жестокиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, го осуди на условна казна, додека неговиот брат Олег е осуден на 3,5 години затвор.
Приврзаниците на Навални вечерва протестираат во Москва, а Могерини во соопштението ги повика и властите и демонстрантите на воздржаност.