Агенцијата за млади и спорт денеска во НУБ „Св. Климент Охридски“ ја промовираше збирката поезија од проектот „Млади поети“ во која се објавени сите песни кои учествувале на конкурсот.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески во својот поздравен говор на младите поети им посака успех во пишувањето на поезија и им честита за тоа што се дел од, како што кажа, развојот на македонската поезија и културно творешво.
– Ова е еден од новите проекти на Агенцијата со кој сакаме да ги стимулираме младите луѓе до 29 години да пишуваат поезија и на тој начин да придонесуваат во богатата исконска ризница на македонското културно творештво. Особено ми е драго што во почетокот на месец септември кога го објавивме првиот оглас за збирката поезија имавме огромен интерес, истакна Спасески.
Потсети дека на конкурсот учествувале вкупно 86 затворени пликоа од повеќе од 70 автори, а во дел од ковертите имало и повеќе од една творба. Најави дека и наредната година Агенцијата ќе го спроведе проектот за кој очекува поголема заинтересираност од младите поети.
Членот на комисијата за избор на најдобра песна, Миле Поречаниц, појасни дека најчеста тема на пишување кај младите поетите била копнежот по љубената или саканиот, но во помал број имало и патриотски песни.
Првонаградена творба на конкурсот „Млади поети“ беше песната „Потрага“ на Андријана Коровешовска. Втората награда ја доби песната „Јулска Секвенца“ на Антоанета Ристевска, а третонаградена беше „Сведок“ на Мартин Каровски.