Сириските власти им испратија денеска ширум земјата SMS пораки на бунтовниците со текст “Играта е завршена”.
Во пораката, потпишана од страна на сириските вооружени сили, бунтовниците се повикуваат да го предадат оружјето и предупредуваат дека истекува времето за да се истераат странските борци од земјата, објави АП.
Американската агенција пишува дека ваков текст во пораката е дел од психолошката војна против бунтовниците, но впечаток е дека нема да има многу влијание врз силите кои сакаат да го соборат претседателот Башар ал-Асад.
Сириска власти имале слична акција минатиот месец, кога од воени хеликоптери над Дамаск беа фрлани летоци со повик за востаниците да го предадат оружјето и побараат амнестија.
Сиријците почнаа да ги примаат SMS пораките еден ден откако бунтовниците извршија бомбашки напад врз зградата на генералштабот во центарот на Дамаск, каде што загинаа четири воени чувари, а 14 лица беа повредени.
Според информациите на активистите, во насилствата во Сирија, кои траат веќе 18 месеци, убиени се 30.000 луѓе.
Бунтовниците најавија “решавачка битка” за Алепо
Сириските бунтовници денес објавија “решавачка битка” за контрола над стратешки северниот град Алепо.
– Вечерва Алепо ќе биде наш, или ќе бидеме поразени – изјави за АФП командантот на бунтовничките сили Абу Фурат.
Според наводите на дописникот на Француската агенција, десетици милитанти се собрани во училиштата во северниот градски кварт Иза и истрелуваат гранати.
Алепо е сцена на крвави судири меѓу бунтовниците и силите на претседателот Башар ал-Асад од јули, кога бунтовниците започнаа офанзива со цел освојување на оваа економска престолнина.
По успешните акции во почетокот, бунтовничката кампања изгуби на својот интензитет поради недостаток на муниција, наведува АФП.
Повеќе од 305 луѓе беа убиени вчера во Сирија во најкрвавиот ден од почетокот на востанието пред 18 месеци, соопшти сириската НВО за човекови права, со седиште во Лондон.
Според истражувањата, повеќе од 30.000 луѓе загинаа во насилствата во Сирија и тоа трае подолго од една и пол година.