Професорите кои се потпишаа на Отвореното писмо до Владата на РМ, заедно со уште стотина професори кои се приклучија изминативе денови со свој потпис против последните законски измени во високото образование, ќе се здружат во Професорски пленум утре во 13 часот во аулата на Филозофскиот/Филолошкиот факултет при УКИМ.
„Оваа иницијатива е поттикната и го следи Студентскиот Пленум чии активности придонесоа за поактивно инволвирање и на преостанатиот дел од академската заедница во пресрет на гласање за предложените законски измени. По средбата и неформалното конституирање на Професорскиот пленум, професорите ќе им се придружат на своите студенти пред Владата на РМ, на најавениот протест на Студентскиот пленум во 14 часот. Со ваквиот гест професорите ќе ја искажат својата индигнација против лошите законски промени во високото образование и игнорантскиот однос на Владата на РМ кон студентите, професорите и севкупната академската заедница.
Професорскиот пленум се залага за прекинување на постапката за усвојување на последните измени во Законот за високо образование и започнување на вистинска, јавна дебата за потребните измени во образовниот систем, расправа која ќе биде базирана на анализи и истражувања за ефектите на досегашното високо образование и влијанието на честите законски измени во последните години.
Во текот на минатиот ден, професорите доставија официјално барање до Собранието на РМ, нивни претставници и претставници на Студентскиот пленум да учествуваат на расправата на 13-тата седница на Комисијата за образование, наука и спорт, во чии рамки ќе се одржи првото читање на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование. До моментот на испраќање на ова соопштение се уште нема одговор од Собранието на РМ“, се вели во соопштението.