Во организација на Агенцијата за пошти задутре (17 часот) во кафе-бар „Форца“ ќе се одржи хуманитарна донаторска аукција на уметнички и литературни дела. Средствата кои ќе бидат собрани ќе бидат донирани на Здружението за цистична фиброза.
Предмет на аукцијата ќе бидат уметнички дела донирани од авторите Сергеј Дамовски, Стефан Хаџи-Николов, Данчо Ордев, Живко Поповски Цветин, Мајкл Клос, потоа уникатни спортски реквизити со автограм од играчите на ракометниот клуб Вардар, личен предмет од музичарот Влатко Стефаноски и други предмети со посебно значење.
Водител на хуманитарната аукција ќе биде ТВ презентерот Огнен Јанески, а музички гости ќе бидат Air Strings и Влатко Илиевски.
– Се надеваме дека заедно ќе успееме да направиме овој свет да биде поубав и за болните од цистична фиброза и за нивните семејства, истакнуваат од Агенцијата за пошти.