Во Северна Кореја која е во конфронтација со САД поради хакерскиот напад на компанијата „Сони“, по повеќечасовен прекин повторно е воспоставен интернет, соопшти американската компанија за надгледување на инфраструктура на интернетот.
Причината за прекин на интернет врските во Северна Кореја не е познат, наведе компанијата и додаде дека тоа може да се случи поради технолошка грешка, но и поради хакерските напади, пренесе „Ројтерс“.
Неколку американски официјални лица блиски до истрагата за нападот на „Сони“ изјавија дека американската влада не е вмешана во никаков сајбер напад против Пјонгјанг.
Во петок американскиот претседател Барак Обама рече дека САД ќе одговори на сајбер нападот, за кој ја обвини Северна Кореја и тоа со исти размери.
Северна Кореја негира дека стои зад нападот на „Сони пикчерс“, кој го принуди „Сони“ да го повлече филмот „Интервју“, кој требаше да биде прикажан во кино салите во тек на божиќните празници.
Е. Г.