Од 1. јануари ќе се формира Центар за книга со цел поттикнување на издавачката дејност

Од:

Со цел поттикнување на развојот на издавачката дејност во Република Македонија, Министерството за култура почнувајќи од 1. јануари ќе основа посебна организациска единица Центар за книга во рамки на кој ќе се вршат активности поврзани со поттикнувањето на производството и пласманот на изданијата, анализа на информациите за состојбите во издавачката дејност, подигнување на читателската култура, збогатување на библиотечните фондови, воведување стимулативни мерки за развој на книжарниците и сл.

Ова денеска го истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во обраќањето на јавната расправа на тема „Предлог-закон за издавачка дејност“. Таа посочи дека Република Македонија е една од ретките земји во светот која со исклучително внимание настојува да го унапреди книжевниот, творечкиот, преведувачкиот и издавачкиот амбиент во државата.

– Во изминатиот период Владата и Министерството реализираат големи зафати кои не само што ни помогнаат да го надминеме повеќедеценискиот застој во македонската преведувачка издавачка практика, туку детерминираа еден нов и траен инпулс во културното живеење на нашата држава. Наша интенција е книжевниот амбиен да се унапредува и во оваа смисла со новиот закон за издавачка дејност предлагаме мерки кои битно ќе влијаат врз развојот на оваа дејност, потенцира Канческа-Милевска.

Посочи дека во 1945 година во Македонија е регистрирана само една издавачка куќа, во 1990 година има регистрирано 12 издавачки куќи, во 2007 година – 300 издавачки куќи, а во 2014 година – 700 издавачки куќи.

– Трендот на зголемување на бројот на издавачки куќи се должи и на можноста секој да се регистира за вршење на оваа дејност без да исполни посебни услови особено во однос на стручноста и екипираноста на самиот издавач. Од регистрираните издавачи само мал процент професионално ја врши издавачката дејност односно од вкупниот број регистрирани издавачки куќи, само 30 до 40 издавачи издаваат повеќе од 10 дела во текот на годината, рече Канческа-Милевска.

Согласно Предлог-законот, нагласи министерката, издавачка дејност во Република Македонија, ќе може да вршат правни лица регистрирани во Централниот регистар на РМ за вршење на издавачка дејност, а по исклучок и физички лица како автори кои издаваат сопствено издание.

– Со Предлог-законот се регулира дека издавачот мора да има уредник кој е одговорен за целокупната издавачка продукција, како и за квалитетот на издадената публикација. Во процесот на издаваштвото уредникот има клучна улога во обезбедувањето на квалитетот на издадената публикација. Уредникот ја донесува првичната одлука за издавање, стручна обработка на делото, квалитетот на изданието и го одобрува неговото печатење. Покрај уредникот пожелно е издавачот да има и преведувач, рецезент, лектор, коректор, ликовен и технички уредник, истакна Канческа-Милевска.

Укажа дека со предлог-законот се пропишува и обврска издавачот пред објавување на публикацијата задолжително да склучи договор за регулирање на меѓусебни права и обврски со авторите и со други лица кои учествуваат во изработката на публикацијата – имател на авторско право, уредник, приредувач, преведувач, редактор, рецезент, лектор, коректор, ликовен и технички уредник и други лица. Со Предлог-законот се пропишуваат и задолжителните податоци кои треба да ги содржи публикацијата во насока на стандардизација на сите изданија.

– НУБ „Св.Климент Охридски“ до која секој издавач треба да достави пет задолжителни примероци од публикациите кои ги издал, и во иднина ќе може непречено и сеопфатно да ја креира базата на податоци кои се релевантни за издавачката дејност. Во однос на афирмацијата и значењето на дистрибуцијата и пласманот на книжевниот продукт Министерството за култура ќе поттикнува отворање класични и он лајн книжарници и поддршка за одржување и презентирање на саемите на книгата, посочи Канческа-Милевска.

Ратко Дуев од Филозофскиот факултет, кој е претседател на Комисијата за издавачка дејност, рече дека во член 5 од Предлог-законот за издавачка дејност, за регулирање на тоа што е уредник, предложи да се наведат компетенциите кои тој треба да ги има, образованието итн.

Претставникот на НУБ „Св.Климент Охридски“, Магдица Шамбевска предложи во член 6 став 3 да се избришат зборовите „за дистрибуција“ и „продажба на публикациите“. Според неа, дистрибуцијата и продажбата не се неопходни податоци за евиденција која би се водела во националната библиотека.

– Досега надоместокот се исплаќаше директно од Министерството на издавачите и сметаме дека така треба и да остане. Ако исплаќањето оди преку националната библиотека,  ќе отвори многу други прашања во смисла на кој начин ќе ги добива тие средства националната библиотека, дали тоа ќе се решава преку поднесување проекти на конкурсот за проекти од национален интерес, рече Шамбевска.

Министерката Канческа-Милевска појасни дека според анализите, нема податоци за издавачката продукција, за дистрибуција за продажба на публикации. Појасни дека ако од НУБ не се заинтересирани такво нешто да имаат, тогаш ќе се направи издавачот да ги достави тие податоци до Министерството за култура.

Од Фондацијата Македоника упатија предлози во делот на електронското издаваштво.

Претседателот на Комисијата за култура, Силвана Бонева рече дека преку расправата Комисијата има намера да изврши увид во предложеното законско решение, да ги слушне коментарите и забелешките од страна на засегнатите институции кои работат во областа на издаваштвот, како и да обезбеди поголема транспарентност во работата на Собранието.

– Поднесувањето на амандманите за предлог-законот е до утре до 16:30 часот, додаде Бонева.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање