Либерално-демократска партија, велат е крајно загрижена за новиот поразителен податок за состојбата на македонската економија. Индустриското производство, посочува ЛДП, веќе дванаесет месеци по ред, бележи значителен пад – само во август оваа година, во однос на истиот месец минатата година, изнесува 8,1%. Во периодот од јанури до август оваа година во споредба со истиот период од минатата година, измерена е негатива од 7,1%.
„Само неколку дена после задоцнетото признание на премиерот за долгот кон приватниот сектор, црната статистика за економијата продолжува да блежи порази. Ако се има предвид дека индустриското производство учествува во Бруто домашниот производ со 25 % и дека истото претставува насока за движењата на економијата, повеќе од јасно е дека овој пад ќе значи дополнително влошување на и така лошата економска година, односно пад на БДП во третиот квартал и продлабочување на кризата“, рече Дејан Блажески .
За жал, рече, место сериозно да се сфати ваквиот предупредувачки индикатор , во услови кога имаме негативна стапка на раст и кога буџетот не се полни со предвидената динамика, Владата одлучи да не крати на непродуктивните расходи, да го зголеми дефицитот и да продолжи недомаќински да се задолжува.
„Алармантно е што државните записи се главен извор за финансирање на буџетскиот дефицит. Владата се повеќе и повеќе се задолжува со издавање на државни обврзници, со рок на доспевање од 3 и од 5 години, чии камати се движат околу 5,7%. Со ова, државата се задолжи за околу 140 милиони евра по камата, која е една од највисоките во Европа. Ако на ова се додаде фактот дека за само неколку месеци доспева еврообврзницата издадена пред 3 години, на износ од 175 милиони евра плус каматата, ситуацијата е повеќе од загрижувачка.Наспроти барањата на бизнисмените, кои постојано апелираат Владата да запре со задолжувања на домашниот пазар, таа само пред неколку дена повторно се задолжи за 33,5 милиони евра преку три аукции на државни записи. Ако се има во вид дека сите овие задолжувања се на период од 3-5 години, јасен е планот дека некоја друга Влада ќе ги сервисира овие долгови“, рече Бчажески.
Задолжувањето во овие моменти,според ЛДП би било оправдано само доколку е од надворешни извори, а позајмените средства се користат за капитални инвестиции во стопанството, како и за измирување на обврските кон реалниот сектор.Фирмите во август повлекле 25 милиони евра од депозитите во банките .
„Повеќе од очигледно е дека Владата долговите ги враќа со долгови, односно води кружна кредитна политика. ЛДП повеќе пати ја повикуваше владата да превземе конкретни чекори за заздравување на кревката екномија, со кои, помеѓу другото, би се амортизирал падот на индустриското производство. Бидејќи таа, очигледно, нема капацитет да се справи со катастрофалната економска состојба во која се наоѓа државата, единствен логичен чекор е оставка на целокупниот владин тим.