Хонорарци, студенти, новинари, артисти и граѓани во 12 на протест

Од:

Хонорарци, студенти, новинари, артисти, невладини организации и граѓани денеска ќе го покажат своето несогласување и револт од владината меркасо која на сите приходи од хонорари да се наплатуваат придонеси во висина од 34 проценти од хонорарот.

Во 12 часот потписниците на Повелбата за солидарност го организираат протестот. Поворката ќе тргне од „Жена парк“а ќе се движи од Собранието преку Министерството за труд и социјални работи до Владата.

Еве за што се протестира и кои се барањата:

Протестираме:

1. Без употреба на државни, партиски знамиња или други симболи на партии и државата

2. Без употреба на говор на омраза при групно или индивидуално скандирање или изработени пароли

3. Протестот е мирен, се очекува од сите присутни да ги почитуваат јавниот ред и мир

Зошто плаќањето придонеси за хонорарите е неприфатливо?

Намерата на Владата да воведе плаќање придонеси за хонорарите од 1 јануари 2015 година ќе доведе до зголемување на сиромаштијата и до зголемување на невработеноста. Покрај тоа, изземањето на државните службеници од оваа обврска што Владата им ја наметнува на сите други смртници, без никакво логично објаснение, ја покажува целата извитопереност на вака зацртаниот концепт на плаќање придонеси за хонорарите.

Кои се нашите барања?

Нашите барања се:

1) да се стопира примената на измените на законите со кои се воведува плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за хонорарите, со цел да се отвори простор за нивна измена и повлекување;

2) преку засилени инспекции на Инспекторатот за труд да бидат отстранети случаите на прикриен работен однос, односно на наметнато вршење работа без договор или врз основа на договор за дело, при што за работниците не се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување.

3) да се покачи или целосно да се укине највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите на плата од шест просечни плати.

Кого сè ќе го загрозат законските измени?

Голем број лица во Македонија, немајќи можност за редовно вработување, се принудени да се борат за својата егзистенција работејќи за хонорар, кој најчесто не е ниту редовен ниту висок. Покрај тоа, ним не им следуваат сите оние права кои ги имаат според закон работниците во редовен работен однос. Далеку од привилегирани, овие лица се дел од прекаријатот, еден од најзагрозените делови од работништвото. Ним, кога ќе стапат на сила законските измени, работодавачите ќе им ги намалат хонорарите за со тие пари да ги платат придонесите кон државата и на тој начин ќе предизвикаат нивно дополнително осиромашување. Дури е можно, неможејќи повеќе да ги плаќаат, да ги отпуштат од работа, со што ќе се зголеми и невработеноста.

Сите лица кои се работно ангажирани и сите лица што во иднина ќе бидат работно ангажирани се загрозени од овие законски измени!

1) Загрозени се хонорарните работници во прикриен работен однос (новинари и други). Тие треба да вршат работа според договор за вработување, а не според договор за хонорар. Но, нивните работодавачи, за да заработат дополнително врз основа на неплаќање придонеси од плата, годишен одмор, боледувања итн., наместо како редовно вработени, ги ангажираат како хонорарни работници.

2) Загрозени се хонорарните работници кои по природата на работата работат хонорарно (преведувачи, ангажирани на проект и други). Во нивниот случај често не постои работодавач кој може да ги ангажира во редовен работен однос и тие се принудени од прилика до прилика, кога ја има, кога ја нема, да прибираат пари за да можат да заработат за пристоен живот, а често и тоа не го можат.

3) Загрозени се редовно вработените лица кои вршат дополнителна работа хонорарно. Тие имаат редовно вработување, а хонорарите им се дополнителен извор на финансии. Иако најмалку засегнати, и нивното осиромашување не смее да се занемари. Платите во Македонија за огромното мнозинство од населението станаа недоволни за пристоен живот. Во таква ситуација ретките прилики за хонорарен ангажман за овие лица не значат нивно збогатување, туку само нешто попристоен живот за нив и нивните семејства.

4) Загрозени се сите идни вработени и сите сегашни вработени во редовен работен однос. Новите законски измени ќе им овозможат на работодавачите, исполнувајќи си ги сите финансиски обврски кон државата, сосема легално да склучуваат договор за хонорар наместо договор за вработување со лицата кои работно ги ангажираат. Дури е можно и на своите сегашни вработени да им го сменат договорот за вработување со договор за хонорар. На тој начин, тие, без да бидат попречени од државата, кон која ќе си ги намират финансиските обврски, ќе можат да заштедат на грбот на вработените врз основа на неисплата на надоместоци за годишен одмор, надоместоци за боледување, породилно отсуство, задолжителни систематски прегледи, отпремнини за лицата кои ги отпуштаат и друго, како и да ги лишат вработените од правата гарантирани со Законот за работни односи и другите закони кои регулираат права од работен однос.

Со овие законски измени Владата сака да превиди дека најголемиот проблем на Македонија е сиромаштијата, а не зголемувањето на парите кои таа ги контролира! И понуди лек кој е полош од болеста! Решавањето на проблемите кои самата власт ги создаде кај Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и кај Фондот за здравствено осигурување не смее да биде на грбот на сиромашните и обесправените!

И студентскиот пленум се приклучува на протестот. Еве ги нивните причини:

Измените на законот за придонеси на Владата на Република Македонија го засегаат и македонскиот студент (и пошироко, секој оној кој е во некаков работен однос во Македонија). Со менување на законот за придонеси, голем број на студенти ќе бидат на удар и маката на тие студенти коишто работат на договор на дело или добиваат некакви си симболични хонорари ќе се зголеми. Во услови на голема невработеност и тешко доаѓање до работа и хонорар и со оглед на крајно лошата социјална положба на многу студенти, овие измени ќе ги докусурат студентите со дополнителни плаќања кон државата.

Затоа, на протест! Студенти сме извесно време, граѓани сме до смртта. На општеството не му го должиме само нашиот студентски ангажман, туку и нашата граѓанска свест.

Студентскиот пленум го поддржува протестот против измените на законот за придонеси. Пленумци и пленумки ќе бидат на улиците, како хонорарци, идни хонорарци, како вработени и совесни граѓани.

Би можело да ве интересира

Независниот синдикат порачува: Нека се скрати на превоз на пратеници, на апанажи, на службени возила и ќе има пари и за просветните работници

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Протест во Косовска Митровица, општинските работници сакаат да се вратат на работа

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Баковска: Власта да ја повлече одлуката за отпуштање на 700 образовни асистенти за деца со попреченост

(ВИДЕО) Трајковски: Образованието мора да биде приоритет, власта да ги промени погрешните политики

(ВИДЕО) Ангеловска: Наставниците се важен дел од образованието, власта да ги покачи платите

Србија: Министерството за правда ги повика граѓаните да го зачуваат јавниот ред и мир