Првпат во Македонија изведени интервенции за имплантација на аортални валвули

Од:

На Клиниката за кардиологија на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во изминатите два дена првпат во земјава се направени имплантации на аортални валвули кај четворица пациенти, со што беше воведена една од најсофистицираните техники што денес се изведуваат.

Директорот на Клиниката, проф. д-р Сашко Кедев објасни дека оперативниот зафат се врши кај високоризични пациенти, без сечење на градниот кош, односно без хируршка интервенција.

Кедев информираше дека заедно со македонскиот тим во операциите учествувале и кардиохирургот д-р Александар Николиќ од Србија, кој во моментов работи во Црна Гора и словенецот проф. д-р Матијаш Бунц од Клиничкиот центар во Љубљана.

Оваа интервенција ја заменува класичната кардиохируршка операција, според д-р Кедев, и тој би ја поистоветил со значењето на воведувањето на имплантацијата на коронарните стентови, што беше направено пред повеќе од 25 години.

Четворицата пациенти кај кои во изминатите два дена биле извршени имплантации на аортални валвули се на возраст меѓу 65 и 74 години кои имале тешка аортна стеноза и тие, според Кедев, сега се чувствуваат одлично и полека закрепнуваат.

– Им беа понудени две опции да им биде извршена класична кардиохируршка интервенција или транскатетерска аортална имплантација. Сите поминаа одлично. Веќе сите се раздвижени и од технички аспект сите четири интервенции се успешни, изјави Кедев.

Предностите на оваа интервенција се тоа што пациентот за кратко време по процедурата може да се раздвижува, за време на интервенцијата не е комплетно анестезиран, ризикот од мозочни компликации е мошне помал во однос на класичната кардиохируршка интервенција и агресивноста на процедурата е значително помала. Рехабилитацијата и враќањето на пациентите во нормален живот е многу побрзо. Смртноста на пациентите со класична кардиохируршка операција е 3 отсто, додека со оваа интервенција е помала.

– Очекуваме дека оваа технологија нема да оди толку брзо кај нас, бидејќи е поскапа од класичната кардиохирургија, но дефинитивно со напредокот на новите валвули процедурата ќе биде поедноставна, рече Кедев.

За првите пет интервенции Клиниката за кардиологија има добиено согласност дека ќе добие повраток на средства како за класична кардиохируршка интервенција, а разликата која што е исто толкава ќе биде покриена преку Фондот за научно истражувачки проекти на Клиниката.

– За нас е многу важно економски колку ќе може Фондот да не следи во сето ова и да може оваа процедура да им ја понудиме на нашите пациенти, изјави Кедев.

Оваа интервенција чини околу 20 илјади евра во Европа, додека во САД е поскапа. И покрај цената на интервенцијата, економската исплатливост е голема имајќи го предвид помалиот период на рехабилитација на пациентот и неговиот престој во болница.

Проф. д-р Елизабета Србиновска Костовска истакна дека ставањето на залистоците преку катетер е од големо значење за пациентите кои имаат срцеви маани особено за оние кои не се операбилни. Ваквата интервенција, според неа, нуди можност лекарот да му понуди на пациентот да ги реши своите срцеви маани кои предизвикуваат големи проблеми.

– Ова е еден историски почеток што треба понатаму да го развиваме како целосен тим, рече д-р Србиновска Костовска.

Во моментов во Германија поголем број од ваквите интервенции се прават со катетер во однос на класична кардиохирургија. Ова е тренд и во Западна Европа и во САД, како и во земјите од регионот.

Кардиохирургот Николиќ смета дека оваа интервенција е перспектива на кардиохиругијата и дека се помалку ќе се изведуваат операции на класична кардиохирургија.

– Тимот тоа го изведе перфектно без какви било компликации, изјави Николиќ.

Словенечкиот лекар Бунц истакна дека оваа метода секаде во светот е во пораст и оти таа била наменета помалку или повеќе за високоризични пациенти, но дека сега се применува и кај се помалку ризични пациенти.

– Значењето на оваа метода што е таа помалку инвазивна. Пациентот уште истиот или следниот ден може да станува и во болница лежи обично четири дена. За последните десет години оваа интервенција е најголемо достигнување во кардиохирургијата, изјави Бунц.

Би можело да ве интересира

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада

Скопјани имаат најголеми, а жителите на Крушево најмали можности за здравствена заштита

Катерина Ѓуровски