Од март месец 2015. година, наместо мнозинство, одлуките за новите ДУП-ви во општините ќе се носат само со една третина гласови на советниците во секоја општина и во Градот Скопје ќе може да се донесат урбанистички планови.
Според опозицијата, оваа одлука е донесена само за општина Центар, прашуваат каде во светот малцинството одлучува во име на мнозинството.
„Ова е трагикомична одлука зошто ова не важи и за одлуките што се носат во Собрание на РМ. Ако одлуките се носат само со една третина, што е со гласовите на другите две третини од советниците. Очигледно власта не може да го прежали Центар. Донесоа четири измени на законите, кои се носат само за да се задоволат нечии интереси во Центар“, изјави градоначалникот на општина Цента, Андреј Жерновски.
Овој Закон, посочи Жерновски, треба да падне на Уставен Суд, но прашањето е дали Македонија има Уставен Суд. Тој суд е политизиран.
„Ова само не тера да се бориме посилно“, рече Жерновски.
За спорниот ДУП, кој дозволува изградба на десеткатница на Водно и за кој што Уставниот Суд се прогласи за ненадлежен, потписот, според прописите, треба да го стави Претседавачот на Советот на општина Центар.
„Инспекција дојде претходно. Јас направив се’ што е можно според законите, а другото ќе оди на совеста на оние кои гласале“, рече Жерновски.