Хуманитарен концерт за децата со посебни потреби и аутизам „Дајте ни крилја“ утревечер во Музејот на македонската борба ќе одржи гудачкиот камерен оркестар „Арко“.
На програмата се дела од Персел, Вивалди, Хендел, Санс, Бизе, а настапот на Арко е под диригентство на Ерхан Шукри.
Гудачкиот камерен оркестар „Арко“ е формиран во 2003 година од членови кои имаат завршено основно музичко образование, а животот ги насочил кон друга професионална ориентација. Заедничкото камерно музицирање се покажа како најсоодветна форма да ја обедини потребата на овие млади членови и понатаму да ја негуваат музиката. Со голем ентузијазам оркестарот негува репертоар близок до увото на слушателот. Во измината деценија оркестарот одржал многубројни настапи и концерти меѓу кои и на манифестацијата „Есенски музички свечености“ (2007, 2009), отворање на „Битфест“ (2011), како и гостувања во Србија, Бугарија и Русија.
Ерхан Шукри е редовен професор по виолина и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. Како надворешен член 14 години бил дел од оркестарот на МОБ. Од 1993 до 2001 година бил асистент диригент на Мандолинскиот оркестар при МКЦ. Од 2001 година е втор директор на Мандолинскиот оркестар Скопје. Член е на гудачкиот квартет „Стрип 4М“. Основач е на „Арко“, во кој поголем дел од членовите биле негови ученици.