Концерт на „Љубојна“ на 20. декември во Универзална сала

Од:

Етно групата „Љубојна“ која ја негува македонската традиционална музика, на 20 декември во 20:30 часот  во Универзалната сала во Скопје, ќе одржи концерт насловен „Љубојна музика на дланка“. На концертот ќе има музика од нивниот последен албум „Незгаснати огништа“, како и хитови од нивните претходни албуми.

Вокалот на „Љубојна“, Вера Милошевска денеска на прес-конференција рече дека концертот е заокружување на целото нивно творештво, на сите нивни хитови, како и необјавени песни.

– Ќе има богат оркестар сочинет од многу музичари соработници на „Љубојна“, додаде Милошевска.

Контрабасистот на „Љубојна“, Оливер Јосифовски истакна дека сакаат на концертот ќе ги соберат сите музичари кои циркулираат околу нив и кои учествувале во изготвувањето на нивните албуми. Посочи дека на концертот ќе изведат и необјавена театарска музика, музика која не била содржана на некој албум.

– „Љубојна“ подготвува нов материјал кој треба да излезе во 2015 година. Работи музика која треба да излезе на пазарот во Истанбул и се подготвува албум и за таму. Планираме и голем концерт во Турција во 2015 година. Ние сме окупирани за правење музика за извоз и за домашни потреби, додаде Јосифовски.

Специјален гостин на концертот на 20 декември е џез музичарот и пијанист Васил Хаџиманов. Влезниците се во продажба преку продажната мрежа на „Купи карти за се’“ и билетарницата на „Универзална сала“ по цена од 350 денари.

Групата ги има издадено и албумите: „П.С.О.“ (2005) со музика компонирана за театарската претстава „Парите се отепувачка“ според драмата на Ристо Крле, „Macedonia fresh“ (2008) со чалгиска музика, „Песна за мојата песна“ (2009), направен според истоимената поема на Петре М. Андреевски, „Ljubojna in life“ (2011) – концерт снимен во живо, во Универзалната сала во Скопје, како и „Ljubojna Brass Fantasy“ (2012) снимен со голем дувачки оркестар.

„Љубојна“ работи на проекти што се засноваат на истражувања на македонската музика и култура. Таа стои зад повеќе театарски проекти: претстави, балет, перформанси, прави музика за филмови и од 2002 година од кога е основана, групата настапува со разновидни мултимедијални претстави и концерти во светот.

Би можело да ве интересира

Почина сликарот Таки Павловски

Ана Ололовска

Утре започнува шестото издание на мултимедијалниот фестивал ArtArea/Артерија

Ана Ололовска

Започна 15-та јубилејна Меѓународна графичка работилница „Софија“ во Богданци

Ана Ололовска

Зоран Попоски изложува на Месецот на дигитална уметност во Париз

Ана Ололовска

Изложба на проширено кино „Терански Фрагменти“

Ана Ололовска

Избрани четворицата финалисти за наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник до 35 години

Ана Ололовска