Првични анализи за изборот на претседател на Грција

Од:

Најавата дека Ставрос Димас ќе биде кандидат на Владата за претседател на Грција, предизвика раздвиженост меѓу независните пратеници во грчкиот Парламент, кои не се поврзани со ниту една партија, јави дописникот на МИА од Атина.

Повеќе локални аналитичари и медиуми веќе објавија разни предвидувања дали е можно Владата да обезбеди „супермнозинство“ со што ќе спречи предвремени избори, како и првични анализи за тоа што велат бројките.

Грчкиот Устав предвидува три круга од гласање во Парламентот за избор на нов шеф на државата. За да биде избран во првите две гласања, кандидатот треба да ја добие поддршката од две третини од пратениците или вкупно 200 гласа, што во овој случај е ефективно невозможно, коментираат аналитичарите. Доколку во првите два круга не се избере претседател, на третото гласање кандидатот мора да биде поддржан од три петтини или од 180 пратеници. Трите последователни гласања се одржуваат во интервали од најмалку пет дена. Во случај и третото гласање да биде неуспешно, Парламентот се распушта за 10 дена и се распишуваат нови парламентарни избори.

Како што беше најавено, првото гласање ќе се одржи на 17 декември, второто на 23 и третото на 29 овој месец.

Двете владејачки партии во моментов имаат 155 пратеници од вкупно 300 во Парламентот, што значи дека за избор на нов претседател треба  да најдат уште најмалку 25 пратенички гласови. Прашувајќи се како Владата ќе ја достигне „магичната“ бројка од 180 пратеници, грчките медиуми објавија првична анализа на бројки. Во моментов има 13 пратеници кои би гласале за Димас, или „влечат кон да“, осум се против или „влечат кон не“, а осуммина се „дефинитивно за можеби“.

Сепак, дури и ако Владата успее да ја добие поддршката од 16 или 17 независни пратеници или во најдобар случај 20, тогаш сепак ќе и треба поддршка од пратеници од други партии, како што се Демократската левица или Независни Грци. Или една од партиите да го промени ставот.

Кажано поинаку, ако се соберат гласовите на Сириза (71 пратеник), Грчката комунистичка партија (12), Златна зора (16), Независни Грци (12) и Демократската левица (10), тогаш се доаѓа до 121 глас против, со што не е можно да се избере нов претседател.

Така, единствениот начин за Владата да избере претседател е преку обезбедување гласови од опозициските партии, а во исто време да ги има на своја страна поголемиот дел од независните пратеници.

Аналитичарите коментираат дека е извесно како ќе гласаат Сириза или комунистите, со што остануваат Независни Грци и Демократската левица. Двете партии претходно се изјаснија дека нема да гласаат за претседател, но останува да се види дали ќе останат на тој став. За наофашистичката Златна зора се претпоставува дека ќе гласа против Владата, но експертите не ја отфрлаат можноста и за евентуални „дезертерства“ од партијата.

Би можело да ве интересира

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Драма во авионот за Грција: Пијан патник се обидел да упадне во пилотската кабина

Горан Наумовски

Серија земјотреси го погодија Крит