Америка благодарение на нафтата од шкрилци, вадење нафта со кршење на карпи, стана најголем производител на нафта во светот, но одлуките на ОПЕК можат да зададат сериозен удар на американскиот нафтен сон.
Благодарение на зголеменото производство на нафта, во Америка дојде до создавање на повеќе милиони нови работни места и тоа е причина зошто статистичките податоци за стапката на вработеност останаа стабилни. Меѓутоа, се ближи крај на бумот во американското производство на нафта, бидејќи од неодамна ОПЕК најави војна околу цените на нафтата со производителите во САД.
Војната околу цените ќе покаже дека многу е поевтино да се испумпува нафта во земји како Саудиска Арабија и Кувајт, а многу поскапо е да се вади под карпите во Тексас или Северна Дакота.
Како што ќе паѓа цената на нафтата, така американските производители ќе бидат се повеќе непрофитабилни и ќе пропаѓаат.
Цената на нафтата ќе се стабилизира и ОПЕК ќе ја задржи својата позиција на пазарот, пишува Мајкл Снајдер на порталот Глобал рисерч.
Американскиот енергетски бум во изминатите неколку години е ретка светла точка во економијата на САД и ако овој сектор почне да пропаѓа, тоа би имало многу негативно влијание на економската состојба.
Бизнис инсајдер наведува дека во случај на прениска цена на нафтата енергетските компании нема да можат да ги покријат трошоците за производство во САД, а намалувањето на трошоците подразбира и укинување на многу работни места.
Вознемирувачката проценка е последица на ниските цени на нафтата на финансиските пазари. Енергетските компании на светските берзи имаат околу 20 отсто т.н. џанк акции, а имплозијата т.е. внатрешната експлозија од тој вид на акции обично укажува на тоа дека на повидок е голем пад на берзите.
Пропаѓањето на компаниите со овие акции би имало разорно влијание по банките и со тоа сите би се нашле на удар.
Според разни извори, енергетските компании сочинуваат од 15 до 20 отсто од целокупниот американски џанк долг и многу е тешко да се предвиди сериозноста на она со што може да се соочи пазарот.
Во претстојните недели внимание треба да се обрне на цената на нафтата, на џанк акциите на берзите и на однесувањето на поголемите банки.
– Нови проблеми се на повидок и никој не може со сигурност да каже што ќе се случи – наведе Снајдер.
Независне новине – Бања Лука