Уметноста на неуспехот: Афективни странци

Од:

Групната изложба насловена „Уметноста на неуспехот: афективни странци“ на 9 декември (вторник), во 20 часот ќе биде отворена во Мала Станица.

Уметноста на неуспехот: афективни странци

„Уметноста на неуспехот: афективни странци“ претставува групна изложба која ангажира дел од најзначајните македонски современи уметници, а со цел да ги истражат, проблематизираат и преосмислат потенцијалите за продукција на алтернативни и нехегемонски социјални и културни светови. Тргнувајќи од претпоставката дека уметноста претставува праксис преку кој се генерираат алтернативни, ненормативни, очудени и иновативни модели на дистрибуција на сензибилното, односно интервенција и трансформација на доминантните културни модели преку кои се санкционира и регулира перцепцијата, чувствувањето, мислењето и делувањето на/во заедничкиот свет, изложбата стреми кон ангажирање на ваквиот потенцијал на уметноста, а со цел да се понудат трансформирачки и субверзивни организации на заедничкиот, споделен свет.

Неуспехот, искуството на срамот (како конститутивно за идентитетската позиција и себе-доживување на малцинските субјекти), и негативните и ’парализирачки’ емоции (анксиозност, меланхолија, оплакување, депресија, страв итн.) се предмет на анализа од различни позиции на секој од уметниците вклучени во изложбата, и материјал за трансфигурација и трансформација преку перформативно генерирање на позиции на отпор против хегемониските модели на општеството, од една страна, и индикатори за структурните ефекти на социјалната нееднаквост и насилството врз интимните, отелотворени и афективни искуства на родово и сексуално ненормативните малцинства.

Емоционалните искуства на сите оние тела социјално маркирани како настрани, изопачени, девијантни, изроди, ненормативни, па дури и ненормални, или како квир (во рамки на англо-американската терминологија и политичко искуство), искуства кои се исцртуваат на маргините на нормативниот социјален простор како маркери на неуспехот да се отелотвори родовата и сексуалната норма, или пак нормата за достоиствен, легитимен, и вреден живот во рамки на капиталистичка хиерархиска скала и националната имагинација, во рамки на изложбата се промислуваат и истражуваат како можност за креација на алтернативни линии на живот, нови форми на социјалност и сродство, пријателства и модели на интимност и љубов.

Губењето во неуспехот, одовде, станува место за колективна пракса на отпор со која се отфрла и се одбива здраворазумското прифаќање на доминантната логика на успехот, како ефект на моќ и дисциплина, односно на хегемониските императиви и норми кои дефинираат што се вреднува како животен успех, и кој се вреднува како признаено човечко битие врз основа на овие норми.

Проживеаните и неподносливо болни инскрипции на моќта врз телата на малцинските субјекти, кои се исчитуваат во непрепознаените и невидливи секојдневни искуства на траума, и го исцртуваат затворениот и повлечен интимен простор на меланхолијата и депресијата, во рамки на изложбата се анализираат надвор од приватизирачките, психологизирачки и патологизирачки рамки, односно се истражуваат како ефект на нееднакви социјални релации и односи на моќ, дискриминација и исклучување.

Заглавеноста, застојот, парализата, недејствителноста, одбивањето на партиципација во секојдневниот тек на нормативната јавност, лепливоста на минатото како загуба, назадната приврзаноста за отсутните и неостварени љубови, идеали, и социјалности, како ефекти и симптоми на меланхолијата, се поставуваат како афективни интензитети со кои се одбива императивот за продуктивноста во национал-капиталистичката машинерија, се комеморираат историите на страдање и насилство избришани од усмереноста кон иднината на хетеронормативната фамилијарност која се репродуцира и одржува присилно до недоглед, и се создаваат јавни светови и контракултури на тажење и визибилизација на неизговорливите и невидливите загуби“, пишува кураторот на изложбата Славчо Дмитров.

„Уметноста на неуспехот: афективни странци“ ја преиспитува човековата ранливост, неизвесност и изложеност како можни основи за нови разбирања на тоа што не дефинира како луѓе и кои се нашите споделени услови врз основа на кои сме поврзани со другите и преку кои ја замислуваме и градиме заедницата вон насилните тоталитарни, хомогенизирачки и есенцијалистички политички и етички модели. На тој начин, изложбата го поставува прашањето за можноста за градење на алијанси и коалиции на отпор против различните модели на нееднаквост и експлоатација оттаде идентитетските рамки, ограничувања и исклучувања, односно врз основа на споделените искуства на срам, неуспех, исклучување, и емоционално ’парализирање’ помеѓу различни општествени локации и групи.

Организатор и продукција: Коалиција Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници.

Проектот е поддржан од: Фондација отворено општество, Њујорк и Амбасадата на Кралството Холандија

Изложбата ќе биде проследена со публикација во која ке бидат застапени преводи на некои од најзначајните текстови во областа на родовите и квир теориите, односно афективната квир теорија, квир теории на срамот и меланхолијата и негативните емоции и нивните политички и културни извори и импликации (Даглас Кримп, Дејвид Халперин, Хедер Лав, Џудит Халберстам, Ен Цветковиќ, Сара Ахмед, Ли Еделман, Марина Гржиниќ, Мајкл Ворнер).

Публикација ќе биде промовирана на 20 декември.

Би можело да ве интересира

Почина сликарот Таки Павловски

Ана Ололовска

Утре започнува шестото издание на мултимедијалниот фестивал ArtArea/Артерија

Ана Ололовска

Започна 15-та јубилејна Меѓународна графичка работилница „Софија“ во Богданци

Ана Ололовска

Зоран Попоски изложува на Месецот на дигитална уметност во Париз

Ана Ололовска

Изложба на проширено кино „Терански Фрагменти“

Ана Ололовска

Избрани четворицата финалисти за наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник до 35 години

Ана Ололовска