Димитар Андонов Папрадишки – визионер со немирен дух

Од:

Димитар Андонов Папрадишки зазема значајно место во развојот на иконописот во Македонија и е еден од нашите најталентирани зографи, кои ги искористиле своите потенцијални сликарски можности во изградување на својата специфична сликарска личност. Во својот долг животен и творечки век, умрел на 95 години, тој изработил повеќе од 1.200 икони за околу 100 цркви во Македонија и во Србија. Тој е меѓник меѓу поствизантиското и современото македонско сликарство.

Ја љубел уметноста до самиот крај

Би сакал да умрам со четка в рака, посакуваше дедо ми Димитар Андонов Папрадишки, последниот од тајфата македонски зографи. И така бидна. Замина оставајќи ја недовршена сликата на штафелајот покрај креветот во малата соба каде што живееше и работеше љубејќи ја уметноста исто колку и таа него, до својот последен здив. Ги напушти тивко саканите во длабока старост, на 95 години, умствено витален и полн со елан и со мотив, без да му затреперат рацете и покрај староста, ја почнува приказната Димитар Мангутов.
Помладиот внук на Папрадишки, кој заедно со брат му Вангел е единствен жив потомок од трите ќерки, не го памети оти е роден по неговото заминување од овој свет, но го знае дедо си од приказните на мајка му Душица, неговата најмлада ќерка, и од почитувачите на неговото дело, еднакво од оние што го познавале лично и од оние што го проучувале неговото богато фрескоживописно, иконописно и сликарско творештво.

Димитар не е само наследник на името и на родот на Папрадишки. Тој ја носи почитта и сопственото чувство на пиетет кон оставината на зографот и сликар, кој успеа да внесе извесни новини во сликарството во период кога ликовната уметност во Македонија покажувала сериозни знаци на опаѓање и на презаситеност од еднолични повторувања. Тоа е оставина што ја чува љубоморно, како и спомените и сеќавањата на мајка си за него, како човек, родител и како голем уметник.

– Брат ми ја имаше таа среќа неколку години да живее со дедо ми и од тоа време настанаа повеќе уметнички дела посветени нему. Сепак, јас го чувствувам толку близок преку делата што моите родители, и покрај скромниот живот и премрежињата што им ги носеше, успеаја да ги сочуваат, на што сум им особено благодарен. Во детството бев опкружен со неговите слики и растев со неговата уметност, како да растев и созревав со него, вели Мангутов, кој по професија е машински инженер.

Во животот борец, боем гладен за уметност

Во негова сопственост се неколку слики на Папрадишки што му ги оставила во аманет мајка му, а кои јавноста првпат ги виде на ретроспективната изложба на Папрадишки по повод 150 години од неговото раѓање. Сите слики му се драги, но особена блиска му е „Мртвиот Христос“, сликана 1920-1922 година, за која Папрадишки во Дрезден 1890 година добил прва награда и затоа што му е подарена од мајка му Душица за еден негов роденден.

– Сликата уште од мал ми се допаѓаше, ме привлекуваше, не знам зошто. Дедо ми има широк дијапазон на слики, но оваа некако отскокнува. Јас не сум експерт за уметност, но нешто ме влечело, таа кај мене буди особени емоции. Некако ми зрачи, проевропски ми изгледа. Ми ја посвети мајка ми. Стана едно сабајле, рече „Ова е за тебе“ и го потпиша со нејзиниот треперлив ракопис пред крајот на животот. На таа негова слика се чувствува влијанието на европското профано сликарство. Исус секогаш се претставува со ореол, а овде тоа го нема. Папрадишки повеќе го претставува како нормален човек маченик, а не како светец, објаснува Мангутов.

Димитар е сентиментално приврзан за сите слики на дедо му, творештво за кое смета дека колку што е за него непроценливо вредно, толку е и за државата која, за жал, како сè уште да ја нема осознаено величината на првиот македонски профан сликар, зографот Димитар Андонов Папрадишки.

– Мајка ми кажуваше дека во животот бил борец, гладен за уметност и истраен, бил визионер со немирен дух и не се плашел да истражува и во област која за тоа време и во такво опкружување не била вообичаена. Бил боем, но оддаден на семејството, негов заштитник, имал голема човештина во себе, бил правдољубив и со револуционерен дух и секогаш подготвен да им помага на луѓето и по цена на сопствениот живот, поради што многупати се нашол во зандани од кои одново и одново го избавила неговата работа, уметноста, за која и од која живеел, го опишува Димитар дедо си исто онака како што тоа го правела неговата ќерка, мајка му Душица, додека била жива.

Иконописот – трајна преокупација

Димитар Андонов Папрадишки (1859 – 1954) е роден во велешкото село Папрадиште, во семејство кое потекнува од малореканското село Тресонче, семејство на зографи, ѕидари, каменоресци и на резбари. Самиот од дете заедно со татко му работел во цркви во Гевгелиско и во Дојранско. На 20-годишна возраст почнал и самостојно да работи живопис во црквите „Св. Атанасие“ во Теово и икони во црквите „Св. Петка“ и „Успение на св. Богородица“ во село Ореше и „Св. Никола“ во село Владилавци.

По препорака на рускиот конзул, почнувајќи од 1884 година, Папрадишки три години се образувал на Киевската иконографска школа, учејќи кај професорот Вишњевски, престој што отворил можности да се запознае со профаното сликарство, но и самиот да почне да слика теми со профана содржина. Во 1887 година со свое дело, иконата „Вознесение Христово“ на која се чувствува византискиот стил и киевската школа, учествува на конкурсната изложба на Духовната академија во Москва, каде што бил примен на редовно школување со стипендија, но и награден со 1.000 рубли и со сребрен медал. За жал, по познатиот грабеж во Папрадиште, се враќа дома да му помогне на семејството и засекогаш прекинува со студиите. Фрескоживописувал и сликал икони во Македонија и надвор од неа, како што стои во неговата биографија, од Јадранот до Црното Море.

Стручната јавност оценува дека Димитар Андонов зазема значајно место во развојот на иконописот во Македонија и е еден од нашите најталентирани зографи, кои ги искористиле своите потенцијални сликарски можности во изградување на својата специфична сликарска личност.

По Дичо Зограф, кој се смета за еден од најквалитетните и најпродуктивни македонски иконописци, Андонов го зазема првото место. Во својот долг животен и творечки век, умира на 95 години, тој имал изработено повеќе од 1.200 икони за околу 100 цркви во Македонија и во Србија, што докажува дека иконописот претставувал трајна преокупација во неговиот творечки живот, давајќи му секогаш приоритет пред живописот и пред профаното сликарство.

Меѓник

Во архивите на Македонска телевизија, зафрлен и заборавен, далеку од очите на јавноста, се наоѓа филм во кој се вметнати автентични снимки снимени во ателјето на Папрадишки една година пред неговата смрт, на 4 јануари 1954 година. Материјалот е дел од серијалот „Македонска енциклопедија“, емитуван во 80-тите години од минатиот век на МРТВ, чиј автор е д-р Блаже Смилевски, тогашен новинар и публицист.

Една од тие дваесетина емисии во кои авторот се обидува да расветли некои значајни и помалку познати личности од Македонија, е посветена токму на богатиот творечки опус на последниот македонски зограф Димитар Андонов Папрадишки.

– Важноста на оваа едукативна емисија што е снимена на колор-негатив е што имав можност во неа да уфрлам седум до десет метра црно-бел материјал снимен во 1953 година, во кој Папрадишки во своето ателје во Скопје води дијалог со сликарите, негови ученици Никола Мартиноски и Лазар Личеноски. Фактот што со збор и со слика на едно место ги има тројцата доајени на современото македонско сликарство е неговата непроценлива вредност и ексклузивитет, ќе изјави во таа прилика д-р Смилевски.

Како автор, тој особен акцент ставил на една особеност од работата на еден од најплодните македонски зографи, што може да се види во црквата „Св. Јован Претеча“ во Кратово, во далечната 1921 година, кога правел корекции и дополнувања во празните простори од храмот. Папрадишки имено, во композицијата „Страшниот суд“, го насликал својот автопортрет во став стоење, облечен во скромна градска облека со бела кошула и со зелена машна.

– Колку што ми е мене познато, а ги имам шетано сите цркви и манастири во Македонија, тоа е прво вметнување профан лик во композиција со религиозна содржина, ќе забележи за ова д-р Смилевски.

Друга пикантерија за зографот боем, човек со широка и благородна душа, разговорлив и комуникативен и истовремено заштитник на фамилијата, слушаме, е неговото макотрпно и децениско фрескоживописување на еден од најубавите македонски манастири „Св. Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка.

– Во таа црква тој има фрескоживописано 1.900 квадратни метри. Огромна работа и труд. Грото го има направено 1885 година, кога првпат ја добил работата. А, ја добил затоа што игуменот на манастирот, кого самиот Папрадишки во едно интервју го именува Кесарија, бил незадоволен од претходните зографи, меѓу кои и еден од синовите на Дичо Зограф. Го ангажирал Димитрија како главен мајстор и тој буквално оттогаш, па сè до крајот на Втората светска војна го зографисувал овој прекрасен Осоговски манастир, истрајно и упорно како што правел сè во животот, открива неговиот внук.

За него, како ни за проучувачите на творештвото на Папрадишки, нема двоумење дека Димитар Андонов е првиот македонски сликар што почнал со сликање мотиви со профана содржина.

– И уште нешто, тој е меѓник меѓу поствизантиското и современото македонско сликарство, но за жал, најмалку се знае за неговото профано сликарство.

Димитар Андонов Папрадишки има фрескоживописано огромен број цркви, а има работено и огромен број икони, но бил единствениот сликар во она време кој работел и портрети на многу црковни и видни луѓе од Скопје и пошироко. Кога некој би можел да го собере сето тоа негово творештво, тоа би било огромно количество сликарски дела, едно непроценливо богатство. Потомците на Папрадишки и македонската културна јавност треба да бидат среќни што тука израснал еден така голем зограф, фрескописец и иконописец.

Автопортрет како завршница на животот

Димитар Мангутов го поседува и последниот автопортрет на исклучителниот Папрадишки, насликан речиси непосредно пред неговата смрт во 50-тите години на минатиот век.

– На одреден дел од животот дедо ми си правел автопортрети. Бидејќи не бил во добра кондиција, кај него дошол познат сликар и му направил портрет. Арно ама, не го бендисал. Мајка ми раскажуваше оти ја гледал сликата, не му се допаднала, па го искинал платното и од следниот ден на 94-95 години застанал пред огледало и почнал макотрпно да работи, да се портретира самиот себеси. Кога јас ја гледам оваа слика, ја доживувам како завршница на животот. Го извадил максимумот од себе, до крај бил упорен со четката в рака. Тој нагон, таа желба за создавање, таа упорност, гладен бил, цел живот бил гладен за сликарство, за уметност – евоцира внукот.

Платно со вистинита приказна за Гоце Делчев

Една масло на платно насловено „Гоце“, изработено во 1943 година, крие вистинита приказна. Димитар Андонов и Гоце Делчев во исто време престојувале во Ново Село, Штипско. Папрадишки ја зографисувал црквата „Успение на пресвета Богородица„, а Делчев учителствувал. Станале големи пријатели. При едно нивно седење во меана, дошле турски коњаници и кога го виделе Папрадишки љубезно го поздравиле. Делчев се изненадил оти знаел дека го прогонуваат.

Турскиот офицер, кого Папрадишки го портретирал, му го побарал коњот да направи обиколка. Овој прво не сакал, но кога Делчев му намигнал, му го дал. Така Турчинот со Делчев и со Папрадишки заминал во обиколка, без овој да знае дека е во дружба со легендарниот Гоце, кој ја искористил можноста пред носот на Турците да контактира со јатаците.

Како да сториш боја да светлеет

Во интервју за дневниот весник „Борба“ од 21 јануари 1951 година, Папрадишки открива дека прв учител му бил татко му, кој своето знаење исто така го наследил од татко му, зограф.

Со само петнаесет години со него одел да работи од една црква до друга и освен што му помагал, гледал како се работи и го учел занаетот. Научил, раскажува, дека четките за фини потези се прават од опашката на верверичките, а погрубите од свински влакна. Се извештил во планината да одбира црвена земја која потоа ја мелеле со камен и ја мешале во вода за да добијат црвена боја. На истиот начин, од соодветна земја, добивале бела боја и окер. Црната ја добивале со мелење сува лоза. Сината ја правеле од „женгере“ маса слична на син камен што ја набавувале од Цариград, денешен Истанбул. „Тие бои никогаш не горат, а хемиските, да“, со гордост открил стариот зограф.

Како и повеќето тогашни зографи, така и неговиот татко имал еден вид прирачна книга, наречена „Ерменију-зуграфическое сказание“, во која биле испишани зографските вештини, односно упатства како се прават боите, како се сликаат одредени светци и разни технолошки рецепти.

Во книгата се препорачувало: „најдобри се охри од Венедиг“, а тие венецијански бои за да се употребат, како што објаснил Папрадишки, се мешале со „јајце и млекце“. Ова последното кај зографите било една од најчесто употребуваните „хемикалии“.

МИА

Би можело да ве интересира

Почина сликарот Таки Павловски

Ана Ололовска

Утре започнува шестото издание на мултимедијалниот фестивал ArtArea/Артерија

Ана Ололовска

Започна 15-та јубилејна Меѓународна графичка работилница „Софија“ во Богданци

Ана Ололовска

Зоран Попоски изложува на Месецот на дигитална уметност во Париз

Ана Ололовска

Изложба на проширено кино „Терански Фрагменти“

Ана Ололовска

Избрани четворицата финалисти за наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник до 35 години

Ана Ололовска