Го слушам Трајко Вељаноски овие денови, излегува упорно, прво со соопштение, па со изјава. Рената Дескоска ни е координаторот на пратеничката група и јасно и гласно го кажавме нашиот став што го повторуваме повеќе од 7 месеци. Безочно лажат дека тајно опозицијата замолувала да не се констатираат оставките, ова го рече претседателот на СДСМ на синоќешната трибина пред беровчани.
Значи, прво ги објавивме, па ги верификуваа спротивно на нашата волја, рече, потоа ги депониравме писмено оставките. Ако било тајно преговарање, ако ние сме молеле да не ги констатираат оставките, зошто ја закажа седницата на 18-ти јуни? Ја закажа и ја прекина. Ако имало договорање не се закажува седницата. Демек да му се дадела шанса на дијалогот и преговорите. Се случи и 2-ри јули, еден обид за преговори и не успеа. Од тогаш секој ден велиме оставките на пратениците да се констатираат.
Притоа цело време испраќаше ултиматуми. Три ултиматуми испрати Трајко Вељаноски досега, за да се вратиме во парламентот. И денеска повторно прикаски раскажуваат пред народот. Со двотретинско мнозинство ќе ги констатирале оставките, па на Комисијата и требаше толку време за да утврди дали тоа било оправдано или неоправдано. А оставките му се дадени само треба да ги прочита. Но, не знае потоа што ќе прави.
Член 2 од Уставот на Република Македонија вели “Граѓаните власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници”. Демократски ли се избрани претставниците во Република Македонија? Не се.
Еден од доказите, коишто како документи постојат а ќе биде објавен во соодветно обезбедени услови, што ќе гарантираат успешност, е доказ во којшто министер вели “за нас овие избори се прашање на живот и смрт”. Министер во врвот на власта. Што значи тоа дека за нив овие избори се прашање на живот и смрт? Тоа кажува се. Деталите ќе дојде времето и ќе ги видите.
Системската партиска доминација мора да биде заменета со владеење на правото и правната држава. И да биде гарантирана еднаквоста на сите граѓани пред законот.
Демократските избори, правото на слободна волја на граѓаните е врв на демократијата во секоја демократска земја. Оттука произлегуваат сите права секако и обврски на власта. Ако се урнисани сите права, нема ниту чест, ниту некакво право некој да владее со било која земја, па така и со Македонија.