„ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Сокол Митровски не задолжија нас, граѓаните на Ѓорче Петров со нов кредит од над 1.3 милиони евра.
Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Ѓорче Петров и градоначалникот Митровски сеуште ја немаат исплатено ни првата рата од кредитот земен во 2010 година во висина од 1.5 милиони евра а веќе не задолжија со нов!
Нов кредит од 1.3 милиони евра за сервисирање на редовни обврски на општината“, изјави на денешната прес-конференција, советничката Радмила Апостоловска, во име на советничката група на СДСМ и коалициските партнери.
„Со ова ново задолжување Ѓорче Петров веќе не е ниско задолжена општина.
Советниците од опозицијата предводена од СДСМ се спротивставуваат на ова ново задолжување на граѓаните.
Откако ја презадолжи државата власта на ВМРО-ДПМНЕ сега ги задолжува и општините, и тоа за тековни обврски кои очигледно не може да ги сервисира.
Ова е уште еден показател дека власта на Никола Груевски е зависна од задолжувања и продолжува да ги задолжува граѓаните на Република Македонија со незапирлива динамика.
Сметката за неодговорноста на ВМРО-ДПМНЕ, за жал, ќе ја плаќаат и идните генерации“, рече Апостоловска.