„Филмот „The Wait Of May“ (Чекајќи го мај) на бардот на италијанската анимација Симоне Маси, синоќа во Кинотека на Македонија го отвори четвртото издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“.
Првиот фестивалски ден започна со утрински проекции на осум анимации за деца. Вечерта беше резервирана за повозрасната публика која уживаше во 100-минутна проекција во рамки на која беа прикажани 14 анимации од цел свет.
Вчера беше прикажан и филмот „Конзо“ на единствениот македонски претставник, Иван Ивановски.
Организаторите на фестивалот, продукцијата „Аурипигмен“, велат дека се задоволни од бројката на посетители кои вчера беа присутни во Кинотека на Македонија и од тоа што и во Македонија има љубители на анимацијата и препознавање на квалитетот на овој специфичен жанр.
На програмата на вториот ден од фестивалот, исто така, ќе се одржи проекција на филмовите за деца. Во 12 часот, ќе се одржи и работилница на тема „Филмските фестивали – поттик и потреба“ на која ќе говори гостинката од Австрија, која е член на жирито, Дорис Бауер.
Официјалната програма ќе почне во 20 часот со прикажување на францускиот филм „Kiki of Montparnasse“ (Кики од Монтпарнас ).
Билетите чинат 50 денари и може да се набават на влезот на Кинотека на Македонија.
„Анимакс Скопје Фест“ е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со здружението на граѓани Креативен центар Тинтири-Минтири од Скопје и Кинотека на Македонија, а со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија и Град Скопје.