Материјална штета од дванаесет илјади денари и украдени околу две илјади денари се последиците по тешката кражба во црквата „Свети Ѓорѓија“ во месноста Чука кај тетовското село Волковија.
– Криминалниот чин што го извршиле засега непознати сторители се случил во периодот од 24 -ти ноември до 3 -ти декември кога бил пријавен случајот, информираше денеска портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
Според неговите податоци непознатите најпрвин со погоден предмет насилно ја отвориле заштитната метална решетка, а потоа исто така насилно и двокрилната влезна врата од црквата по што влегле внатре и од ѕид ја искорнале металната каса за доброволни прилози од верниците и откако и неа ја отвориле одзеле околу две илјади денари по што незабележани од никого ја напуштиле црквата.
– Полицијата извршила увид и ги фотодокументирала оштетувањата по што се работи на откривање на сторителите додека вкупната штета од оваа кражба се проценува на околу 14 илјади денари, рече Јосифовски.