Рускиот постојан претставник во ЕУ, Владимир Чижов ги обвини САД дека се одговорни за одлуката на Москва за откажување на проектот „Јужен поток“, при што најави дека Русија е подготвена да ги продолжи преговорите со Австрија, Србија и Унгарија за надминување на ќорсокакот до кој дојде поради пропаѓањето на изградбата на гасоводот.
– САД активно се спротивставуваа на реализацијата на „Јужен поток“, нагласувајќи дека е неопходно Европа да ја намали енергетската зависност од руските испораки на енергенси, изјави Чижов за телевизијата „Русија 24“.
Тој нагалси дека таква политика воделе и сегашната и претходните американски администрации, иако САД никогаш не и дале гаранции на Европа дека ќе ја заменат Русија како главен извор на енергенси.
– Сите тие разговори за гасот и нафтата од шкрилци што би дошле од САД, се приказни за неупатните, нагласи Чижов, додавајќи дека дури и да биде променето американското законодавство кое го ограничува извозот на нафта, американските извозни компании попрво би се ориентирале кон азиските пазари, отколку кон европските, бидејќи цените на гасот во Азија се за 1,5 пати повисоки отколку во Европа.
Чижов нагласи дека Русија е подготвена да разговара со Австрија, Србија и Унгарија затоа „што да се прави натаму и како да се излезе од ситуацијата“ по откажувањето на „Јужен поток“.
– Србија денес не е членка на ЕУ, но како што знаеме Србија поднесе апликација за членство во ЕУ. Сите бевме зваедоци на притисокот на ЕУ врз Белград за политички теми, вклучувајќи го и прашањето за приклучување кон антируските санкции и можете да бидете сигурни дека тоа ќе се случи и за економските теми, нагласи Чижов.
Што се однесува до Бугарија, Чижов изјави дека со своите постапки Софија „не се препорачала како доверлив партнер“ не само за „Јужен поток“, туку и за други проекти.
– Политичката состојба (во Бугарија) не е едноставна. Се менуваа влади, а некои дури и си заминуваа поради разликите околу енергетските теми, нагласи Чижов.
Тој потенцира дека поради ставовите на Бугарија не биле реализирани ни проектите за изградба на нафтоводот „Бургас-Александрополис“, како и за опремување на нуклеарката „Белене“.
Според Чижов, засега е рано да се зборува за тоа кој изгубил, а кој добил со одлуката за откажување на „Јужен поток“, додавајќи дека конечниот биланс ќе може да се направи откако ќе биде изграден „алтеранативниот гасовод“.
Тој нагалси дека би можело од алтерантивниот „турски“ гасовод, кој ќе биде поставен по дното на Црното Море и ќе „излегува“ на површината во западниот дел на Турција, да се извлечат краци во повеќе правци, вклучувајќи и кон балканските земји.
– Кога тој систем ќе биде изграден на турска територија, а тоа не може да биде многу брзо, ќе видиме каква ќе биде тогаш позицијата на ЕУ и каква ќе биде позицијата на заинтересираните држави, потенцира Чижов.
Тој изрази чудење што ЕУ не и се забалгодарила на Русија затоа што излегла во пресрет на нејзините барања за прекин на проектот „Јужен поток“.
– Можеби за пошироката јавност тоа беше неочекувано, но за експертите во енергетскиот сектор не беше, изјави Чижов, додавајќи дека „можело да се прогнозира дека работите ќе одат во тој правец“.