Терористи од Исламска држава планираат да киднапираат авиони и да извршат напади на поголемите градови во Европа, слични на нападот од 11-ти септември 2001 година, пренесе британски „Сандеј експрес“.
Како што се наведува акциите биле планирани за време на католичкиот Божиќ, а за нив се дознало последниве месеци.
Весникот има сознание дека се во прашање пет големи европски градови и дека заканата е сфатена доста сериозно.
Според изјавите на едно анонимно високо официјално лице, постои можност да се воведе забрана за носење на мобилни телефони и други електронски апарати во авионските кабини.
Предупредувањето е обелоденето откако официјални лица од Вајтхол признале дека постои можност од напади, со оглед на фактот, што голем број џихадисти се враќаат од борбите во Сирија и Ирак.
Службеник од обезбедување од еден аеродром за „Сандеј експрес“ рекол дека имаат сознание дека пет авиони се мета и тоа пред Божиќ.
-Сите очекуваат нешто катастрофално и тоа наскоро- вели тој за весникот.
Минатата недела британската министерка за внатрешни работи, Тереза Меј изјави дека постои опасност и дека голем број исламисти планираат напади во Велика Британија.
Таа наведе дека заканите се различни и дека не се во прашање само организирани групи туку и поединци кои можат да извршат напад каде било.
Е. Г.