Претседателот на српската општина Мајданпек, Дејан Вагнер денеска најави можна евакуација на жители од градот доколку не биде саниран дефектот во системот за доставување електрична енергија.
Мајданпек веќе трет ден е без струја, вода и греење. Помош во храна и вода веќе пристигна, а општинскиот кризен штаб треба да одлучи за евентуално воведување вонредна состојба.
Училиштата и градинките не работат, а фиксна телефонија речиси и да нема. Електричната мрежа е вон употреба поради силното невреме, проследено со снег, што го зафати тој град. Во породилиштето во Мајданпек е монтиран агрегат, кој засега функционира.
Српската државна телевизија објави дека вработени во Електродистрибуција на Србија постојано се на терен во обид да обезбедат снабдување со струја во градот, но ветерот и мразот им ја отежнуваат работата.