Судот на Европската унија денеска пресуди дека Грција треба да плати казна од 10 милиони евра поради тоа што не ги затворила незаконските депонии на нејзина територија.
– Грција првпат беше осудена во 2005 година бидејќи не се придржувала до директивите за отпадоци, дозволувајќи 1.125 незаконски депонии, но земјата само делумно презела мерки за расчистување на сметот, се наведува во соопштението на судот.
Во Грција годинава има 293 незаконски депонии, од кои 223 иако веќе не се користат, се уште не се затрупани.
– Грција се уште не ги презела сите неопходни мерки за целосно исполнување на одлуката од 2005 година и поради тоа Судот оценува дека е оправдано парично да биде казнета, се наведува во соопштението од Судот на ЕУ.
Грција треба да плати глоба од 10 милиони евра, како и шестмесечни парични казни ако задоцни со примената на неопходните мерки.
Европската комисија во септември и се закани на Атина и со друга серија казни за неисполнување на обврските во областа на обработување на опасните отпадоци.