Поранешниот заменик командант на кинеската воена област Нанџинг, генерал во пензија Ванг Хонгуанг за кинескиот весник „Глобал тајмс“, што се смета за близок до сегашната власт, оценил дека Кина нема да се меша ако Северна Кореја влезе во војна, а изразил и песимизам дека Кина во сегашнава политичка состојба во Азија би помагала ако сегашниот режим во Пјонгјанг ја доведе државата до економски колапс.
Пренесувајќи ја на видно место оваа изјава, медиумите во југоисточна Азија потсетуваат дека поранешниот генерал бил познат критичар на режимот во Пјонгјанг, а сметаат дека ова е можен индиректен сигнал за менувањата на односот на Кина кон Северна Кореја.
Кина е еден од ретките сојузници и поддржувачи на Северна Кореја, а индикациите за можна измена на оваа политика се поврзуваат со подобрувањето на политичката и економската соработка на Кина со сите држави од регионот.
Аналитичарите потсетуваат и на желбата на Кина да ги намали и тензиите во односите со државите кои, како и Пекинг, имаат аспирации за постигнување сувереност над териториите на Јужното Кинеско Море, за кое се смета дека има огромни резерви на нафта и гас и е најважниот поморски пат во светската трговија.