„Лицата блиски до опозицијата кои се обидуваат да отворат тема не се погрижија да понудат аргументи. Сосема е погрешен пристапот и обидот да се исценира некаква афера затоа што очигледно е дека пристапот е нестручен и оној што се обидува да ја наметне темата во јавноста не го познава процесот.
МВР, како институција за сите нивни сознанија или евентуални докази им стои на располагање за целосно да се истражат и да се отфрлат какви било сомнежи, ако некој воопшто ги има“.
Ова го изјави денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во врска со написот и видеото што вчера го објави еден македонски неделник за, како што се тврди, изработка на пасоши.
– Република Македонија, со над 20 различни типови на високософистицирани заштитни елементи во патната исправа, односно во нашите лични документи, спаѓа во редот на земјите кои имаат втора генерација биометриски документи и кои имаат најбезбедни документи не само во Европа, туку и во светот. Практично, патната исправа на Република Македонија може да биде активирана само од лицето кое е нејзин сопственик, односно чии податоци се ласерски гравирани во поликарбонатната страница на патната исправа, појасни Јанкулоска.
Во Република Македонија, истакна, не се изработуваат пасоши.
– Република Македонија оригиналните обрасци ги набавува од производителот од Германија, кој впрочем е и истиот производител кој ја произведува банкнотата на еврото, а потоа ваквите оригинални обрасци се персонализираат, така што доколку некој и се обидел да изработи исправа која наликува на македонскиот патен документ, тоа би било прилично лесно воочливо и прилично видливо. Меѓутоа она што всушност е релевантно за целава тема е дека ниту Државната изборна комисија која е надлежна за организирање на избори на овие или на кои било претходни избори пријавила обид за злоупотреба на личен документ заради утврдување на идентитет, ниту, пак, која било друга институција пријавила дека е направен обид со документ со невистинита содржина или народски кажано со фалсификуван документ некој да се обиде да се идентификува, изјави министерката за внатрешни работи.
Истото важи, вели Јанкулоска, и за граничните премини во Република Македонија.
– Досега не е евидентиран обид да се премине државната граница со фалсификуван документ кој многу лесно се открива, ниту пак која било држава во светот преку системот на Интерпол не известила дека македонски документ е фалсификуван или дека некој со македонски документ се обидел да ја премине државната граница на која било земја. Тоа е впрочем уште една потврда за безбедноста на документите кои ги издава РМ, посочува министерката за внатрешни работи.
Таа вели дека не може да претпостави која е идејата на опозицијата, која ја наметнува оваа тема во јавноста, но како прв човек на МВР ги повика до нив да ги достават сознијата или евентуално доказите да за тие целосно да се истражат.
– Како институција за сите нивни сознанија или евентуални докази им стоиме на располагање за целосно да се истражат и да се отфрлат какви било сомнежи ако некој воопшто ги има, но не верувам дека некој може да подлегне на таква приказна, но сепак како институции спремни сме сериозно да ги испитаме, рече Јанкулоска.
Политичарите од опозицијата и нивните партиски гласила, вели таа, се обидуваат да стават во контекст систем на изработка на документи кој не се однесува на таква работа.
– Го спомнуваат АФИС системот, но тој воопшто не служи за изработка на документи. Зборот АФИС е кратенка од автоматски систем за проверка на отисоци од прсти и тоа значи дека таквите системи ги користат институциите и органите надлежни за спроведување на законот за компарирање на отпечатоци од прсти или пластично кажано доколку при истрага на лице место каде што е сторено кривично дело се подигнат отисоци, тие треба да се компарираат со некоја база за да се утврди идентитетот на лицето од кое потекнуваат отисоците од прсти. Ваквото нестручно мешање на работите во обид да се креира некаква атмосфера на сомнеж кај граѓаните мислам дека не им оди во прилог, но јас не би навлегувала во нивната стратегија и потреба да излегуваат со крајно неаргументирани и неиздржани теми, изјави министерката за внатрешни работи.
Наспроти нивното тврдење дека се случува некаква кражба, посочи таа, никаква кражба ниту е пријавена ниту пак некој тврди дека нешто недостасува.
– Ако тие се пријавителот на кражбата ги повикувам да дојдат во првата полициска станица и да пријават што им е украдено, истакна министерката за внатрешни работи, изјави Јанкулоска.